Викендов Скопје имаше чест да биде домаќин на финалето на Лигата на шампиони, на кое силите си ги одмерија лутите ривали Јувентус и Барселона. На арената „Александар Македонски“ во Лептокарија, а божемски во Берлин, на само два дена пред седмиот роденден на капитенот на „црно-белите“, Јован, борбените фудбалери на двете екипи приредија вистински празник за љубителите на фудбалот, и несекојдневна роденденска прослава за капитенот Јован.
За тимот на Јувентус освен Јован играа Горјан, Кристијан, Лука, Дарин и Павел, кои во неизвесен натпревар со седум погодоци беа подобри од тимот на Барселона, за кој настапија Кирил, Филип, Тео, Матеј, Мика и Марко.
На полувреме резултатот беше 1:1, а стрелци на головите беа Јован за Јуве и Кирил за Барселона. „Црно-белите“ во второто полувреме брзо направија разлика од два гола со погодоците на капитенот Јован и Дарин, а Матеј стрелаше за Барса и намали на 3:2.
Дарин ја врати предноста на Јуве од два разлика, а крајниот резултат 4:3 го постави Мика. Организатор на натпреварот и судија беше Игор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.