| четврток, 6 декември 2018 |

САД одбележуваат 15 години од терористичките напади на 11 септември

Во САД утре се одбележуваат 15 години од тероростичките напади во Њујорк и Вашингтон, кои беа извршени на 11 септември 2001 година.

Во нападите загинаа речиси три илјади лица и тие го променија светот, а борбата против тероризмот, која потоа почна, се уште трае.

Нападите ги извршија припадниците на терористичката групација Ал Каеда, а тој трагичен настан го означи почетокот на американската и западната глобална кампања против тероризмот, која резултираше со војните во Авганистан и Ирак, со отворање на затворот во Гвантанамо, јакнење на безбедносите мерки и агенции на сметка на човековите права, со зголемување на воениот буџет.

Војната против тероризмот се уште трае, но Ал Каеда, чиј лидер Осама бин Ладен е убиен, ја заменија нејзините ограноци и Исламска држава, против кои се видат битки на Блискиот Исток, во Сирија и во Ирак, додека на мета на терористите се почесто се европските престолнини.

Најновите истражувања покажуваат дека загриженоста поради можни терористички напади на 15-годишнината пораснала во однос на 2011., кога беше одбележаната десет годишнината. Причината е поради тоа што во тој период зајакна Исламска држава, а во САД и Европа се извршени повеќе напади, вклучувајќи ги бомбардирањето на Бостонскиот маратон во 2013 година и масовните убиства во Сан Бернардино во Калифорнија. Европа изминатите години ја потресоа напади во Брисел, Париз, Ница.

– Сметаме дека денес таа борба е многу повеќе главната одговорност на претседателот и политичките лидери, отколку пред 11 септември, изјави Денијел Бајман, професор за национална безбедност на Универзитетот Џорџтаун во Вашингтон.

Во САД одбележувањето на годишнините традиционално се одржува во Националниот меморијален центар, кој се наоѓа на местото на некогашниот Светски трговски центар, каде се урнати кулите близначки.

Оддавање на почитување на жртвите во Меморијалниот центар вклучува и читање на имиња на настраданите во нападите од 1993 и 2001 година, додека навечер два снопа сина светлина насочена кон небото потсетуваат на урнатите кули на Светскиот трговски центар.

На 11 септември 2001 година два киднапирани авиони ги урнаа кулите близначки по што следеше ударот на третиот авион врз зградата на Пентагон во Вашингтон. На крајот е соборен авион во Пенсилванија. Вкупниот биланс на жртвите достигна 2.997 лица.

Акцијата на 19 припадници на Ал Каеда почна со киднапирање на четири патнички авиони, кои полетале од аеродромите во Бостон, Њујорк и Вашингтон.

Киднаперите влегле во кабините на авионите и користејќи ножеви за сечење хартија, кои ги прошверцувале во авионите, ги убиле пилотите и ја презеле контролата.

Првиот авион на „Американ ерлајнс“ во 8:46 часот по локално време удри во северната кула на Светскиот трговски центар во Њујорк, а кусо потоа вториот киднапиран авион на компанијата „Јунајтид ерлајнс“ удри во јужната кула, додека третиот удри во седиштето на Пентагон.

Од кулите близначки во Њујорк само 20 луѓе, кои била над катовите над местото на нападот успеале безбедно да ја напуштат зградата пред да се урнат.  Меѓу жртвите на 11 септември имало 371 странци. Голем број жртви претрпе њујоршката противпожарна служба, 343 пожарникари загинале во падот на близначките, додека се обидувале да им помогнат на повредените да ги напуштат зградите.

Подоцна надлежните служби на САД оценија дека мозокот на нападите бил Халид Шеик Мухамед, кој е фатен во март 2003 година во Пакистан, а во февруари 2008 година е обвинет за воени злосторства.

Командоси на американските воени сили во пролетта 2011 година извршија упад на имот во Пакистан, каде се криел Осама Бин Ладен и го ликвидирале, за што Обама ја извести нацијата и целиот свет.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top