| четврток, 6 декември 2018 |

Педофилите се бунат што имињата им се објавуваат на интернет

Уставниот суд поведе постапка за три члена од Законот за посебен регистар на лица осудени со правосилна пресуда за кривични дела за сексуална злоупотреба на малолетни лица и педофилија, донесен во 2012 година.

Подносители на иницијативата се пет граѓани кои се осудени за педофилија, кои се на издржување на казна затвор во Тетово.

Се поведува постапка за членовите според кои имињата на педофилите се објавуваат јавно на интернет страница.

Поведена е постапка за член 5, став 2 од Законот со кој се определува покрај другото во регистарот за оваа група луѓе што го води Министерството за труд и социјална политика преку јавната установа Завод за социјални дејности да се објавуваат податоци на интернет страницата, а во став 3 од истиот член се определува податоците за осудените лица внесени во регистарот да се јавно достапни.

Член 10 од Законот определува можност за осуденото лице по основ за сексуална злоупотреба, педофилија и трговија со малолетни лица, да може да побара изземање од јавно објавување на нивните податоци во регистарот.

Членот 11, пак, се однесува на постапката пред надлежниот суд во врска со барањето за изземање од јавното објавување на податоците на осуденото лице.

Поведувањето на постапката е затоа што Судот смета дека членот 5, во ставовите 2 и 3 не е доволно прецизен бидејќи се навлегува во личниот и семејниот живот на осуденикот и членовите на неговото семејство, како и во личниот и семејниот живот на жртвата.

Дилема се јавува и за тоа дали објавувањето во регистарот е веднаш по правосилноста на пресудата или после издржувањето на казната затвор. Во одредбата не предвидува во кој момент  ќе бидат достапни на јавноста тие податоци, како и временскиот период, односно колку време ќе стојат тие податоци во регистарот.

Таквите одредби од Законот, според Судот немаат уставна основа по член 18 и 25, со оглед дека со член 18 од Уставот се гарантира тајноста на личните податоци, а со член 25 се гарантира личниот и семејниот живот.

Во однос на членовите 10 и 11 од Законот кои се однесуваат на прашањата за изземање од објавувањето на податоците, Судот оцени дека овие одредби уредуваат прашања во врска со постапувања на суд, при што според Уставот амандман 25 постапката пред судовите се уредува со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство, па бидејќи овој закон не е донесен во таква постапка Судот изрази сомнение во уставноста на донесувањето на овие одредби од законот.

Што се донесува пак на целината на Законот, Судот оцени дека има уставна основа за постоење на ваков закон со оглед дека со член 8 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи, која е дел од внатрешниот поредок на Република Македонија законодавецот може со закон да определи мерки за спречување на кривични дела и за заштита на здравјето и моралот, но притоа да се води сметка за личниот и семејниот живот на граѓанинот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top