Активистката и модел од Британија, Харнам Каур влезе во Гинисовата книга на рекорди како најмлада жена со целосна брада. Приказната на оваа 24-годишна девојка го обиколи целиот свет и восхити и насмеа многу луѓе.
Таа објасни дека брадата е последица од синдромот на полицистични јајчници, нарушување на ендокринолошкиот систем, што предизвикува акни, дебелеење и растење на влакната. Синдромот обично се јавува во пубертет.
– За мене пубертетот беше нешто ужасно. Моето тело се менуваше, а психички не можев да се соочам со брзината на промените кои се случуваа, изјави Харнам.
Сепак, пред да се прифати таква каква што е, таа не била толку позитивна за нејзиниот изглед. Влакната почнале да и растат уште кога имала 11 години на рацете и на другите делови од телото. Нејзините соученици поради тоа константно ја малтретирале.
– Цело време во основно вербално ме злоставуваше скоро цело училиште. Тоа беше ужасно. Наутро не сакав да тргнам кон училиштето затоа што знаев што ме чека, вели таа.
Во своите тинејџерски години таа со восок ги отстранувала своите влакна, а признала дека подоцна размислувала и за самоубиство.
– Бев на многу лошо место со моите мисли и заробеник на својата соба. Тој период траеше можеби повеќе од една година. Сепак, најпосле сфатив дека самосожалувањето ми донесе повеќе штета него ли корист. Цело време ги гледав сите убави жени на телевизија и сакав да изгледам како нив, изјавила Харнам.
Таа денес е советник за борба против насилството меѓу врсниците. Во март годинава стана првата жена со брада што прошета на пистата на Лондонската модна недела.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.