На стадионот Маракана ноќеска по средноевропско време свечено беа отворени Параолимписките игри во Рио. Илјадници натпреварувачи продефилираа за време на двочасовниот спектакл.
Параолимписките игри ќе траат до 18 септември. 4350 натпреварувачи од 160 држави ќе се борат во 22 спортски дисциплини за вкупно 528 златни медали.
Оливера Наковска-Бикова и Ванчо Каранфилов се македонските претставници на параолимписки игри во Рио. Тие заедно со тренерот Бранислав Јовановски и другите сопатници за Рио се надеваат на повторување на успехот од изминатите континентални натпревари.
Нив од трибините на Маракана ги поздрави македонскиот амбасадор во Бразил Ивица Боцевски.
Во изминатите две децении, нашето спортско стрелаштво е најтрофејниот спорт, особено во делот на Параолимписките игри, почнувајќи од златото на Бранимир Јовановски на ПОИ во Барселона 1992, среброто на Ванчо Каранфилов во Атина 2004 и златниот медал на Оливера Наковска-Бикова во Лондон 2012. Овие тројца наши спортски великани се и носители на највисокото Национално спортско признание, популарната „спортска пензија”.
Наковска-Бикова изјави дека би сакала да го повтори успехот од Лондон, иако првенствена цел и е влез во финале.
Каранфилов очекува остварување на својот најдобар резултат годинава, чија вредност би му обезбедила сигурен влез во најдобрите осум.
Настапите на нашите стрелци се закажани за 9 септември – воздушен пиштол 10м, а два дена подоцна ќе се одржи дисциплината спортски пиштол-25м. Последниот настап е закажан за 14 септември, кога ќе се одржи дисциплината малокалибарски пиштол-50 метри.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.