Ако Џони Штулиќ беше пророк и десет години порано го виде распадот на југословенската федерација, меѓу македонската политичка елита во деведесеттите и кога беше јасно дека Титовата држава е мртва, малкумина ја препознаваа реалноста или пак, многумина не сакаа да го видат крајот. Во Македонија се доцнеше.
Киро Глигоров е главната политичка фигура во тој период по неговиот избор за претседател на 27 јануари 1991 година, десет дена по конституирањето на првиот повеќепартиски Парламент.
Глигоров на функцијата претседател на Македонија застанува во ситуација во која официјално во државата не постои таква функција, па затоа, неговиот прв официјален мандат е заведен од 18 ноември, по изгласувањето на Уставот на државата. Дотогаш Глигоров ја врши функцијата претседател на претседателството на Македонија.
Изборот на Глигоров во Парламентот таа 1991 година претставува политички компромис меѓу тогашната победничка партија на парламентарните избори, ВМРО-ДПМНЕ и доминантното, но не доволно мнозинство на Комунистичката партија и партиите кои произлегоа од неа.
Првиот обид за негов избор поминува неславно. Доби само 60 од потребните 81 пратенички глас. Без поддршката од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, кои тогаш ја заговараа идејата претседател да биде тогашниот повардарски митрополит, подоцна архиепископ, Михаил, се покажа дека изборот на Глигоров е невозможен.
Киро Глигоров подоцна станува доминантната политичка фигура која ги носи сите политички одлуки.
Во 1994 се одржуваат првите непосредни избори за претседател во исто време со вторите парламентарни избори. Тогаш веќе две години владејачката Комунистичка партија ребрендирана под името СДСМ го има сигурниот адут. Глигоров влегува во трката за втор, а уставно дефиниран како прв мандат за претседател. Зад Глигоров застанува тогаш моќниот Сојуз за Македонија.
Изборот на ВМРО-ДПМНЕ е режисерот Љубиша Георгиевски.
Ќе биде тоа првата сериозна кампања, но и првиот морален пораз на дотогаш политичкиот гигант Киро Глигоров. Првин го одбива ТВ-соочувањето со Георгиевски, а подоцна без никаква потреба влегува во првиот изборен фалсификат во Македонија.
Глигоров, според тогашните официјални резултати на ДИК, во првиот круг победува со 52% од запишаните гласачи или 715.000 гласа, наспроти 197.000 што ги освојува Георгиевски. Вистинскиот резултат од изборите беше 49%, што не му гарантираше избор на Глигоров во првиот круг. Но, Глигоров повторно седнува во претседателската фотелја со три потписи на решението на ДИК од седумте членови на Државната изборна комисија. Останатите четири члена поднесуваат оставки.
Обидот со протести и притисоци да се издејствува фер изборна процедура, иако на моменти тензично, ќе заврши без успех…. Меѓународната заедница го легитимира првиот изборен фалсификат во Македонија.
Фалсификатот на претседателските избори ќе биде увертира на повлекувањето на тогашната опозиција и од парламентарната трка.
А потоа!… Македонија влегува во најмрачните четири години. Приватизација и општ грабеж, етнички и социјални конфликти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.