Пилотот Франческо Монтањер, претседател на аматерскиот спортски аероклуб „Тревизо“, кој управувал со приватниот авион „пајпер Па 34-200 Т сенека“ што падна вчера попладне кај Кожле, Велес, бил искусен и добар пилот.
Летови како вчерашниот од Тревизо до Скопје, долг 800 километри, не се вообичаени за пилотите од аероклубот „Тревизо“, но пилотот Монтањер имал стотици часови летање зад себе. Временските услови за летот биле лоши, со дожд, ветер и мала видливост. Пилот бил и загинатиот Дарио Бастасин, кој пред десет години имал инцидент при слетување во Тревизо, но без поголеми последици.
– Од Тревизо заминаа четири авиони со 20 патници. Тие требаше да пристигнат во Косово на прославата на првата годишнина на тамошниот аероклуб кој беше основан со поддршка на аероклубот од Тревизо. Она што засега сигурно го знаме е дека трите авиони пристигнале, а еден се урнал, најверојатно поради лошите вренески услови – изјави Маурицио Патуели од аероклубот „Тревизо“, пренесуваат италијанските медиуми, според кои авионот ги имал сите дозволи и одобренија за летање.
Со падот на авионот загинаа сите патници, пилотите, и Италијанците Лука Дале Муле и Ангело Калегари, и Косовците Иларија Бертио и Висар Бегај, кои имале и италијанско државјанство. Патувале кон Приштина, а над Македонија требало да извршат прелет и да дополнат гориво на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје.
По падот на приватниот авионот со германски национални ознаки, на терен е тим на Комитетот за истражување на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти. Комитетот е независно истражно тело формиранот според обврските од потпишаната Конвенција на Република Македонија за Меѓународно цивилно воздухопловство.
Активности за расветлување на авионската несреќа презема и Јавното обвинителство.
– По добиените сознанија, обвинителството во координација со надлежните институции презема мерки за утврдување на местото на несреќата, негово обезбедување и натамошно постапување. Истовремено се прибираат податоци и релевантни факти во насока на утврдување на причините за несреќата – соопшти Јавното обвинителство и најавува дополнително подетални информации.
За местото на падот на авионот први јавија локалните жители, кои слушале експлозија и виделе пожар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
(Вознемирувачка содржина) Нема преживеани лица во авионската несреќа во Индонезија
-
Ова е последната фотографија со другарките: Мина од својата моминска заминала директно во смрт
-
Бизнисмен и неговото семејство загинаа во авионска несреќа
-
Четворица загинаа во авионска несреќа во Брегот на Слоновата Коска