| четврток, 6 декември 2018 |

Беше завртена со главата нагоре: Паниката не спласнува, откопувањето на бомбата сѐ уште трае

Припадници на Дирекцијата за заштита и спасување сè уште копаат за да ја извадат авионската бомба што утрово беше пронајдена при изведба на градежни работи за изградба на локален пат во Припор. Полицијата не дозволува пристап до местото, а околните фирми и куќи се евакуирани

 

-Не ни се верува што најдовме. Под земја има сè, очекуваме да наидеме на кабли, корења, ама дека ќе најдеме бомба, никогаш не ни паднало на памет. Сега, кога ќе треба да го докопуваме останатиот дел од патот, постојано ќе бидеме на штрек да не наидеме на уште некоја бомба, вознемирено сведочат работниците кои ја пронајдоа бомбата во близина на кружниот тек кај цементарницата „Усје“.

Тројца припадници на Дирекцијата за заштита и спасување сè уште копаат околу експлозивната направа за да ја извадат цела. Полицијата го блокира приодот до местото каде што е пронајдена, а вработените во околните фирми и населението од куќите се евакуирани.

– Бомбата изгледа не е експлодирана затоа што паднала лошо. Како да е забиена во земја, стои вертикално, со главата нагоре. Ја забележав при копање утрово околу 11 часот. Ѝ се виде само мал дел од главата, веднаш ми падна сомнително дека станува збор за некаква експлозивна направа и прекинав со работа. Му кажав на шефот и повикавме полиција. Дојдоа полицајци и луѓе од Дирекцијата за заштита и спасување, кои продолжија со копање за да можат да ја извадат целата бомба – изјавил за Телеграф.мк работникот што прв ја забележал бомбата.

Нејзина евентуална експлозија може да нанесе големи оштетувања врз тамошните градби, како и да предизвика човечки жртви. Поради тоа, не се препорачува доближување до местото каде што е пронајдена оваа експлозивна направа, за која се претпоставува дека е од Втората светска војна.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top