| четврток, 6 декември 2018 |

Путин без влакна на јазик: Овие три земји се легло на меѓународниот тероризам

Конфликтниот потенцијал во светот е во пораст и тоа поради сè поголемата противречност помеѓу богатите и сиромашните земји и нерамномерноста на нивниот развиток, изјавил Путин на состанокот на лидерите на земјите на групата БРИКС на самитот Г20 во Кина.

– Сведоци сме дека во светот сè повеќе се појавуваат противречности, се зголемува нерамномерноста во развојот на богатите и сиромашните земји, сè пожестока е борбата за ресурси, што влијае на порастот на конфликтниот потенцијал – рекол Путин.

Претседателот на Русија нагласил дека предизвиканите граѓански војни и дезинтеграцијата на државноста во Ирак, Либија и Јемен, го претвориле Блискиот исток во пространство на хаос и платформа за меѓународен тероризам, кој сите нас не загрижува, а дека тоа влијаело и на неконтролираниот бран на миграција.

– Експанзијата на ДАЕШ, кој внатре во себе собрал голем број на екстремисти од сите видови, претставува голем предизвик за безбедноста на многу земји, па и Русија –  констатирал Путин.
QDwktkqTURBXy9kZDRhYWEwMTNkODA1YzgzZmE2NmNmODkyZjViMzc1MC5qcGVnk5UCzQMUAMLDlQLNAdYAwsOVB9kyL3B1bHNjbXMvTURBXy8xZDc0Y2I0MTcwNTk1MDQzNjYyOWNhYmQ2MDZmNTBmNi5wbmcHwgA


Економската состојба во Русија е стабилна

Напорите на Русија кога станува збор за опоравувањето на економијата се скромни, меѓутоа ситуацијата е стабилна, резервите се зачувани, а изливот на капиталот е пет пати помал отколку минатата година, изјавил рускиот претседател. Тој на првото заседание на Самитот Г20 оценил дека многу светски лидери укажале на тоа дека целиот свет се соочува со бројни проблеми и предизвици, иако денес веќе може да се почувствуваат позитивни показатели за економско опоравување.

– Кога станува збор за Русија, ние сопствените напори ги оценуваме како скромни. Меѓутоа, нашата економија се стабилизира. Ги сочувавме своите резерви, драстично го намаливме изливот на капитал, во споредба со мината година дури за пет пати. Невработеноста ја држиме на прилично ниско ниво од 5,7 проценти, а надворешниот долг на 12 проценти – рекол Путин.

Рускиот претседател додал дека Русија бележи мал раст на индустриското производство. Планираме да продолжиме да го намалуваме буџетскиот дефицит и да продолжиме со работа на намалената зависност на руската економија од продажба на енергенси. Покрај тоа, Москва има намера да го одржи континуитетот на макроекономска стабилност.

– Продолжуваме да ги поддржуваме сите мерки кои влијаат на подобрување на работната клима во Русија – заклучил Путин.

Проблемот во Сирија да се реши на политички пат

Конечното решение за сирискиот конфликт може да се пронајде само преку политички средства, изјавил рускиот претседател.

Како што кажал, Русија во соработка со другите партнер успеала да издејствува прекин на огнот во земјата и почеток на преговори. Путин исто така нагласил дека за ефикасно спротивставување на тероризмот неопходно е да се обединат сите заинтересирани земји. Акциите на руската војска, како што навел, успеале да ја сочуваат државноста на Сирија и им нанеле тежок удар на терористите.

Удел на земјите од БРИКС во ММФ од 15 проценти

Уделот на земјите од БРИКС, односно Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка, во капиталот на Меѓународниот монетарен фонд изнесува речиси 15 проценти, изјавил Путин. Како што кажал, неопходно е да се продолжи со зајакнување на позициите на земјите од БРИКС во финансискиот систем.

– Сакам да им честитам на нашите кинески партнери што на 1. октомври ќе бидат вклучени во корпата на светски резервни валути – рекол Путин и додал дека за пронаоѓање на решенија за светската економска ситуација неопходна е соработка на сите земји.

– Потребно е да се земе во предвид можноста за издавање на кредити во национални валути и да се премине на финансирање на конкретни проекти – навел Путин.

Ситуацијата со СТО предизвикува загриженост

Падот на авторитетот на Светската трговска организација и формирањето на затворени регионални трговски здруженија предизвикува голема загриженост, изјавил Путин. Според неговите зборови, таа организација поради стагнацијата на преговорите во Доха го губи статусот на единствена универзална платформа за преговори и изградба на механизам за светска трговија.

– Како резултат се формираат затворени здруженија, како Трансатлантско и Тихоокеанско партнерство, кои не го дополнуваат, туку го заменуваат СТО. Сметаме дека тоа е одговор на некои партнери на компликациите со кои се сретнавме во рамките на СТО. Меѓутоа, тоа не е најдобар начин да се реши тој проблем, неопходни се договор и компромис – рекол Путин.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top