Активисти на неколку прокурдски партии во Турција соопштија дека од денеска започнуваат штрајк со глад, со цел да добијат информации за лидерот на курдските бунтовници, Абдула Оџалан, кој е на доживотна робија и без право на посета.
– Група од 50 доброволци, меѓу кои и пратеници од најголемата турска прокурдска партија, Демократска партија на народите, ќе започнат штрајк со глад од 5 септември – најавија доброволците минатата седмица на митинг во Дијарбекир, во југоисточниот дел на Турција.
Штрајкот ќе трае додека тие не добијат информации за лидерот на Курдската работничка партија (ПКК), Абдула Оџалан, за кого, како што велат, немаат никаква информација уште од 4 април.
ПКК, која води вооружена борба против турската држава од 1984 година, се смета за терористичка организација од страна на Анкара, САД и на ЕУ. Оџалан се наоѓа на островскиот затвор „Имрали“, близу Истанбул, но не му се дозволени посети од своите адвокатите, ниту пак од блиските, по прекинот на примирјето меѓу ПКК и владините сили минатото лето.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.