Македонска државна и црковна делегација предводена од претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов денеска ќе присуствува на церемонијата на канонизација на Мајка Тереза во Ватикан.
Церемонијата ќе се одржи на плоштадот „Св. Петар“, а на неа поглаварот на Римокатоличката црква, Папата Франциск ќе ја прогласи Мајка Тереза за Светица.
Посебно место на свеченоста ќе имаат Република Македонија, заедно со Република Албанија и Република Индија како земји на нејзиното раѓање, потекло и мисија.
Македонскиот претседател вечерва ќе присуствува и на свеченото отворање на изложбата на фотографии и текстови поврзани со животот и делото на Мајка Тереза „Madre Teresa – Santa di Skopje, Santa del mondo“ во црквата „Св. Станислав“.
Мајка Тереза беше добитник на Нобелова награда за мир, а нејзиниот чудотворен карактер беше признат од Римокатоличката црква. Церемонијата на беатификација на Мајка Тереза, која беше чекор кон нејзино прогласување за Светица беше одржана на плоштадот „Св. Петар“ во 2003 година, на која присуствуваа над 300 илјади верници. Со свечената служба раководеше тогашниот поглавар на Римокатоличката црква, Папата Јован Павле Втори, а на церемонијата присуствуваше и македонска делегација, предводена од претседателот Борис Трајковски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.