| четврток, 6 декември 2018 |

Киријана А. Николоска, директорка на фестивалот „Македокс“: Секогаш има публика за документарни филмови

Македокс“ е активен преку цела година со дистрибутивни и со образовни програми за деца и за млади. За пофалба или за жалење е дека „Македокс“ прв го воведе филмот во наставата на средношколците, а од годинава и на основците низ училиштата во Македонија. Но, за секоја промена е потребно време. Така и бројот на македонски документарни филмови на „Македокс“ расте бавно во квантитет, но значајно во квалитет, вели Николоска

Седмото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ ќе се одржи од 20 до 26 август во Куршумли-ан, Чифте-амам и во Музејот на современа уметност во Скопје, под мотото „Сите сме приказна“. На Фестивалот годинава ќе се прикажат вкупно 63 документарни филмски остварувања распоредени во пет програми, и тоа: Главна програма, Нови автори, Руски снег, Кратки документарци и Студентски приказни. Ќе се одржат и три работилници, а за Фестивалот, патувачкото кино, програмата и гостите во интервју за „Република“ говори Киријана А. Николоска, директорка на Фестивалот.

 Овогодишното патувачко кино на „Македокс“ беше во валандовско-дојранскиот регион. Какви впечатоци носите од Валандово, Богданци и од Фурка?

НИКОЛОСКА: Сите места на кои одиме со патувачкото кино се места што се само на стотина километри оддалечени од Скопје, а штом ќе стигнеме нѐ тераат да дишеме со еден друг ритам, ритам кој тешко го фаќаме дома. Многу набрзо по дишењето, почнуваат да се менуваат перцепцијата и мислењето, па така место да ги забележуваш „фалинките“, очите и мислите ги мамат едноставните, искрените и заборавените нешта. Затоа, во впечатоците ми преовладуваат слики на грч ладна изворска вода, валјаци, воденица, самар и кооперација, лица избраздени, а со очи љубопитни и раце подадени.

Колкумина посетители доаѓаат на проекциите, какви се реакциите на луѓето? Имате ли некои посебни приказни што би ги споделиле?

НИКОЛОСКА: Кога ќе поставиш платно и озвучување сретсело, не може да не побудиш интерес. Доаѓаат сите, а реакциите се различни, како и луѓето. Гледаме секогаш да поминеме колку што можеме повеќе време со мештаните пред проекцијата за да се „намирисаме“ и да ги наплатиме „влезниците“. Влезниците немаат фиксна цена и не се плаќаат со пари – проекциите се бесплатни, туку се плаќаат со поуки, приказни, по некој адет или занаетчиски марифет. Така, со полна каса марифети можеме да им го дадеме најдоброто што ние го имаме, да „им го погодиме“ филмот и да си легнат вечерта сигурни дека не нѐ пратил некој, туку сами сме дошле, оти знаат дека повеќе ние сме добиле од нив отколку тие од нас. Приказни за духови и за магии, херои и предавници, за благодати и оскудици има неброени, а јас, за жал, не знам да раскажувам како нив.

Од 20 до 26 август ќе се одржи „Македокс“. Каква е програмата за овогодишното, седмо издание на фестивалот?

НИКОЛОСКА: Иако годинава го удвоивме бројот на филмови, од триесетина на 63, не би рекла дека растеме, туку, напротив, дека се подмладуваме. Освен натпреварувачката програма од осум филма на нови автори (прв или втор долгометражен филм), која ја имаме уште од првото издание, годинава се подмладивме со уште една подмладувачка натпреварувачка програма – програма на 23 студентски документарни филмови од академии и школи од цела Европа. Со тоа речиси половина од програмата ја посветуваме на младите и идни автори кои, како и во секоја друга сфера, ја носат иднината на плеќи. Сметаме дека токму нив „Македокс“ треба да им даде простор, време и поттик до кој многу тешко доаѓаат. „Стара“ ни е главната натпреварувачка програма, годинава со 10 долгометражни филмови, меѓу кои има филмови наградувани на најголемите фестивали и две светски премиерни прикажувања. Тука се победникот на Берлин, „Пожар на море“, со кој ќе го затвориме овогодишниот фестивал, и премиерата на филмот „Мојот свет е наопаку“ на Петра Селишкар, со кој ќе го отвориме фестивалот. Во оваа програма вклучивме неколку филмови од светски познати имиња во светот на документаристиката, како што е филмот „Под сонцето“ на култниот руски автор – Витали Мански, „Бисерното копче“ на Патрицио Гузман; филмови на автори што во изминатата година беа во центарот на креативната документарна сцена, но и филмови кои, можеби, само ние мислиме дека може и треба да се ставени на иста вага со претходните. Програмата на кратки документарни филмови годинава ни брои 10 филма кои повторно во поголем дел се од млади автори. Меѓу нив е и добитничката на „Златна мечка“ за најдобар краток филм на Берлинскиот филмски фестивал годинава – „Балада за жабите“, чијашто режисерка влезе во историјата на Берлинскиот фестивал како најмлада добитничка на оваа награда. Тука е и филмот „Кога ќе се разбудиш“ на мајсторот на архивскиот документарен филм – Џеј Розенблат, кој ќе го прикажеме на отворањето на фестивалот, како и прекрасниот „Фигура“ на Катарзина Гондек, кој за многу кратко време беше прикажан на многу фестивали. Уште една нова програма воведовме годинава, тоа е програмата на современи руски документарни филмови со која носиме снег среде жешките августовски ноќи. И оваа година, освен проекциите, организираме и три работилници што се поврзани со главната фестивалска тема – раскажувањето и нарацијата во создавањето на приказните: „Раскажувачите раскажуваат“ е работилница наменета за професионалци и за тие што сакаат професионално да се занимаваат со наративен филм, а е составена од серија мастер класови кои ги осмисли Иика Вехкалати од Финска. Иика е еден од позначајните скандинавски документаристи чиешто професионално искуство вклучува работа во ЕДН (Европската документарна мрежа), телевизијата „Иле“ и низа менторски позиции на најзначајните работилници и школи во Европа. Втората работилница решивме да ја посветиме на процесот на создавање приказна во најнаративниот музички жанр: хипхопот. Оваа работилница ќе ја предводи Митко Гаштаровски (познат како диџеј Димитри од Чаир), член на еден од првите рап и хипхоп-состави во Македонија – САФ.

Третата работилница насловена „Сторивуд“ ја наменивме за нам најмилите – децата и за сите што можеби не се деца, но ја сакаат играта и уживаат во искрената и спонтана креација. Секако, дел од програмата ни се и музичките настани од кои би ги издвоила концертот на Крис Екман од „Д вокабаутс“ (The Walkabouts), кој ќе настапи на отворањето на фестивалот, и „Черкези оркестар“, кој ќе настапи на затворањето на фестивалот.

Kirijana-A-Nikoloska-MakeDox-plakat

Дали имате најавено гости што ќе учествуваат на „Македокс“?

НИКОЛОСКА: Е, тука навистина пораснавме. Годинава ќе имаме 56 гости од Европа, Азија, Африка, Америка. Немаме само од Австралија. Најголем дел од нив се автори на филмовите, а помал дел се членови на жиријата и претставници на други фестивали. Покрај значајните гости, како што е, на пример, директорката на фестивалот за документарен и анимиран филм од Лајпциг – Лена Пасанен, особено ме радува што со нас ќе бидат 36 автори на филмовите што се дел од овогодишната програма.

Оваа година мотото на фестивалот е „Сите сме приказна“. Може да ни кажете зошто го одбравте токму тоа мото?

НИКОЛОСКА: Приказната, нарацијата, односно начинот како ќе се раскаже една приказна е од централно значење во секој филм, а е од особено значење во документарниот филм. Во време кога креативната документаристика е во подем и сѐ почесто кокетира со сѐ повеќе форми на филмски изрази и жанрови, сметавме дека е важно да го свртиме фокусот на суштината, а тоа е приказната. А, за точната формулација на мотото во „Сите сме приказна“ имавме лексички, филозофски, концептуални, маркетиншки, сериозни и несериозни разговори во кои „раскажување“, „прикажување“, „секој е приказна“, „секој своја приказна“ , „сите сме дел од иста приказна“ и многу други варијации на темата се сретнаа во „Сите сме приказна“.

Документарните филмови ги стимулираат самоизразувањето и создавањето. Каква е состојбата со македонскиот документарен филм?

НИКОЛОСКА: Сметам дека потребата и способноста за креативно творештво ги имаме сите и секој човек на некој начин ги манифестира. Ги има домаќинка од Волино кога креативно ги комбинира расположливите намирници во ручек гледајќи турска серија на телевизија; ги има сметководителот во фирмата кој поинаку ќе ги комбинира бројките или сметките за да дојде до некој нов збир или девојчето со церебрална парализа кое на најкреативен можен начин за неа ќе успее да дофати некој предмет. Колку од таа креативност ќе се препознае и насочи во медиум кој ќе се именува како дело или креација зависи од талентот, самодовербата и поддршката на околината. Филмот како медиум посебно бара поддршка. Во последниве неколку години креативниот документарен филм во Македонија полека почнува да воскреснува и да се препознава како сериозен филмски жанр. Иако законските и институционалните рамки во кои може да се развива се на исто, а во некои сегменти дури и на повисоко ниво од регионалните, не е доволно препознаен како сериозен филмски жанр од домашните автори. Верувам, иако звучи нескромно, дека „Македокс“ значајно ја подобрува состојбата со македонскиот документарен филм со дејствувањето преку сите свои програми, не само со фестивалот. „Македокс“ е активен преку цела година со дистрибутивни и образовни програми за деца и за млади. За пофалба или за жалење е дека „Македокс“ прв го воведе филмот во наставата на средношколците, а од годинава и на основците низ училиштата во Македонија. Но, за секоја промена е потребно време. Така и бројот на македонски документарни филмови на „Македокс“ расте бавно во квантитет, но значајно во квалитет.

Седма година по ред го одржувате фестивалот и патувачкото кино. Дали тоа значи дека во Македонија има публика за документарни филмови?

НИКОЛОСКА: Никогаш доволно за нас (се смее).

Разговараше: Александра М. Бундалевска

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top