Европската фудбалска федерација (УЕФА) наскоро ќе го избере новиот претседател, односно наследникот на Мишел Платини кој веќе подолго време е под суспензија на ФИФА.
Речиси извесно е дека функцијата ќе ја добие Словенецот Александар Чеферин кој меѓу другото ја доби поддршката и од сите федерации во овој регион, вклучувајќи ја и ФФМ. Во својата последна изјава, Чеферин потврди дека идејата за Регионалната фудбалска лига е реална и навести дел од начелата под кои ќе се организира.
– Регионалната лига засега е само идеја, но јасно е дека не би била замена за националните првенства како АБА лигата во кошарката. Во неа би учествувале екипите кои нема да обезбедат место во пролетната фаза од европските купови, а победникот потоа би добил место во Лига Европа или Лигата на шампионите, – изјавил Чеферин.
– Нема да дозволиме уништување на националните првенства како што се случи во кошарката, идејата воопшто не е лоша, но најважно е да биде организирана од УЕФА, – потенцирал Чеферин.
Според очекувањата, во регионалната лига би се натпреварувале претставници на сите земји од поранешна Југославија, а прв претставник на Македонија би бил Вардар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.