Четириесет и осумгодишен струмичанец од завчера е на издржување триесетдневен притвор, откако полицијата го фатила како пренесува стотина грама хероин, скриени во задникот, објави дописникот на „Нова Македонија“.
Во саботата Г.М. (48), додека се движел со автомобил по една од струмичките улици, бил запрен од полицијата, за контрола. Во моментот кога полициските службеници сакале да направат контрола на возилото, осомничениот, најверојатно, го фатила паника, што на чуварите на редот веднаш им се видело сомнително, како знак дека лицето нешто крие. По преземените мерки, тој бил однесен во струмичката болница, каде што рендген-снимките покажале дека Г.М. во аналниот отвор носи хероин.
Хероинот бил спакуван во кондоми, па струмичанецот веднаш бил префрлен на хируршкото одделение, каде што по интервенцијата на лекарите од аналниот отвор биле извадени вкупно 100 грама хероин.
Интервенцијата на хирурзите поминала успешно без несакани последници по здравјето на струмичанецот.
Осомничениот потоа бил изведен пред истражен судија, кој по распитот му одредил мерка притвор.
Од истражното одделение во струмичкиот основен суд потврдуваат дека им е познат овој начин на пренесување дрога, кога се искористуваат одредени места од телото на транспортерите, како што се желудникот или аналниот отвор. Сепак, додаваат дека долго време немале ваков случај во Струмичко.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.