Привремената комисија за следење на медиумското претставување и на денешниот состанок не постигна согласност за избор на петтиот член, а притоа еден од кандидатите, Даут Даути, јавно соопшти дека ја повлекува номинацијата.
Откако кандидатот за петти член на привременото тело за медиуми Даут Даути се повлече, Сефер Тахири останува единствен кандидат за член на ова тело, кое треба да врши надзор на изборите во предизборниот период. Даути со писмо ја информираше јавноста дека се повлекува и дека не сака тој да биде пречка за одржување на изборите.
– Бидејќи пат-позицијата е поради самото персонално решение кој ќе го води ад-хок телото, а јас сум еден од двајцата сега веќе спорни кандидатури, ве молам мојата кандидатура да ја сметате како непостоечка со цел таа да не стане пречка за комплетирање на ад-хок телото, како и да не го задржи во заложништво целиот политички процес и да биде пречка за носење одлука за одржување договорени предвремени избори, информираше Даути преку соопштение испратено до Агенцијата за медиуми.
Привремената комисија ќе функционира како дел од Агенцијата за медиуми, при што во 100 дена пред изборите, кога ќе се спроведува засилено набљудување на информирањето, одлуките на Комисијата треба да бидат задолжителни за Агенцијата. Тие одлуки можат да доведат до постапки за казнување на телевизиите и на радиостаниците, за прекршување на методологија за известување подготвена според француски модел, која телевизиите ја оценија како претерано строга и произволна.
Со откажувањето на Даути, се очекува новинарите Цветин Чилиманов и Слаѓана Димишкова, предложени од ВМРО-ДПМНЕ, и Горан Трпеновски и Љубомир Костовски, предложени од СДСМ, да постигнат консензус пред лидерската средба и да го изберат Сефер Тахири за член на ова тело, и со тоа да биде задоволен еден од условите за одржување на изборите.
– Мислиме дека ќе најдеме решение во потребниот рок. Се надевам дека во Комисијата ќе го одбереме најоптималното решение кое што ќе доведе Комисијата да одлучува легитимно, без проблематизирање и врз основа на методологијата – изјави Горан Трпеноски, еден од четворицата актуелни членови на Комисијата, кои со консензус треба да го изберат петтиот член.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Димовски: Со ад хок тело за 2 месеци се напишаа повеќе казни отколку за 25 години, тоа ли е слобода на медиуми?
-
ТВ Нова: Оценките на ад-хок телото се неосновани и тенденциозни
-
СДСМ и Заев сакаат прегласување на одлуката дали Мајка Тереза треба да е светец
-
Со изборот на Љуљзим Хазири се комплетира Комисијата за следење на медиумското известување