Утре во депандансот на Музејот на град Скопје, во „Сули-ан“ ќе се отвори Музејот на Старата скопска чаршија. Постојаната музејска поставка ќе ја презентира историјата на Старата скопска чаршија, како и нејзините културни вредности од 11 век до денес.
Во комплетирање на постојната поставка работеле археолози, историчари, историчари на уметност, етнолози и архитекти. Во првиот дел се претставени археологијата и историјата, а потоа следува етнологијата со амбиенти на кои се претставени занаетите на чаршијата.
Изложбата ќе опфати повеќе сегементи. Во археолошкиот дел ќе бидат презентирани предметите добиени со истражувањата во чаршијата и во Скопското кале во континуитет од средниот век до османлискиот период. Преку изложените монети и керамички предмети ќе се добие слика за животот во чаршијата и претстава за разновидната трговска и културна испреплетеност на овој простор.
Историскиот дел ќе биде претставен преку изложени фотографии, карти и планови, кои ги прикажуваат основањето, развојот и животот на Старата скопска чаршија, како и историјатот на позначајните културно-историски споменици.
Етнолошкиот дел ќе го презентира животот во чаршијата преку неговите најдоминантни професии: занаетчиството, трговијата и угостителството, кои егзистираат во сосема изменет вид. На поставката акцентот ќе биде ставен на занаетите – ќурчиско-кожуварскиот, папуџискиот, терзиско-срмаџискиот, кујунџискиот, казанџискиот и др.
Поставката ќе биде придружена со уметнички дела инспирирани од мотивите на чаршијата, меѓу кои и делата на Мартиновски, Пандилов, Владимирски, Коџоман, Мазев, Перчинков…
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.