Во периодот пред самиот старт на овие натпревари поразговаравме со капитенот и најискусен кошаркар во нашиот состав, Војдан Стојановски. Тој ни ја пренесува атмосферата од националниот состав и заедно со останатите кошаркари посакува уште еднаш, како и многупати досега, да ја израдува македонската јавност и како лидер на тимот да ја одведе Македонија на уште едно големо натпреварување.
Македонскиот национален состав веќе цел месец се наоѓа на подготовки за квалификациите за Европското првенство во 2017 година. Како капитен на националниот состав, колку си задоволен од сработеното досега?
Стојановски: Како што кажавте, за овие квалификации се подготвуваме веќе цел месец. Од ден на ден ја подигнуваме формата и мислам дека максимално подготвени ќе ги дочекаме квалификациите, кои почнуваат на 31 август со натпреварот против Луксембург. Морам да кажам дека воопшто нема да биде лесно да оствариме пласман на ЕП 2017 и да го продолжиме континуитетот на големите континентални собири. Сега веќе и дефинитивно можам да кажам дека ова е целосна смена на генерацијата. Покрај новиот селектор, сите сме млади и, можеби, најголем проблем е што нашите кошаркари претежно играат во домашниот шампионат и не можат да одиграат силни натпревари на меѓународна сцена. Ветувам во името на сите репрезентативци дека ќе го дадеме максимумот, впрочем како што сме го правеле тоа и досега, и се надевам дека ќе ја израдуваме македонската јавност со уште еден огромен успех за македонската кошарка.
Во овој период беа одиграни неколку контролни средби и, според резултатите, би можело да се каже дека Македонија сѐ уште ја темпира формата во пресрет на првите натпревари од квалификациите. Ако досега изјавите беа дека резултатите не се важни и дека формата ќе оди во нагорна линија од ден на ден, македонската јавност очекува максимално подготвени да ги дочекате натпреварите. Во кој дел може да се очекува подобрување на играта?
Стојановски: Во овој подготвителен период одигравме седум пријателски натпревари и морам да признаам против многу силни противници. Уште пред почетокот, заедно со селекторот и со кошаркарите, зацртавме една цел дека резултатите во овој период не се воопшто важни, целта е да се воиграме подобро и да имаме повеќе играчи во ротацијата. Малку сум разочаран бидејќи и ние ги следиме коментарите на социјалните мрежи, но никој не ја гледа промената на генерацијата. Никако не можам да се согласам дека одигравме слабо на кој било меч. Со сите репрезентации се носевме и мечевите беа израмнети во текот на целиот натпревар. Што би се рекло, бевме егал и на секој меч одлучуваше еден топка, еден напад, една одбрана. Секако, јавноста посакува да победуваме на секој натпревар, но јас не се согласувам со тоа, важно е да одиграме како што сме се договориле и да ги поправиме ситните грешки, посебно во одбраната, за да можеме да стигнеме до, можеби, најважните, и би можело да се каже историски, квалификации за Македонија.
Овој состав е речиси истиот од пред две години, кој се избори за Европското првенство во 2015 година. Во оваа репрезентација недостигаат неколку стандардни репрезентативци, особено на центарските позиции. Може ли да се направи споредба на сегашниот ростер со оној со кој, можеби, Македонија ќе беше посилна со присуството, пред сѐ, на Перо Антиќ, Предраг Самарџиски, Бојан Трајковски?
Стојановски: Не би сакал да коментирам за играчи што не се во националниот состав. Има други луѓе што треба да решаваат за тоа. Од квалификациите пред две години недостига само Бојан Трајковски. Секако, ни недостига бидејќи има огромно искуство. Но, што е, тука е, одиме натаму. Немаме лесна група. Денес во Европа сите играат кошарка. Ќе мора многу добро да се испотиме за да стигнеме до едно од двете места што водат на Европското првенство следната година.
Иако првичниот впечаток по ждрепката е дека Македонија доби противници по мера, и репрезентациите на Велика Британија, Унгарија и на Луксембург имаат свои планови и ќе ја бараат својата шанса за пласман на Европското првенство. Дали имате некаква стратегија против овие противници знаејќи дека ќе настапуваат во комплетни состави?
Стојановски: Веднаш по ждрепката, откако ги добивме противниците, во јавноста се создаде фама дека имаме огромни шанси за пласман. Меѓутоа, пак ќе повторам, денес во Европа нема лесен противник. Како што ние размислуваме за нив, така и тие за нас. Знаат кои сме и каде сме биле во минатото, кои сѐ играчи поминеле низ репрезентацијата и што оставиле зад себе. Ќе одиме чекор по чекор. Полека почнуваме да правиме скаутинг за противниците во групата бидејќи сега веќе завршивме со пријателските натпревари и со патувањата. Не се сомневам дека селекторот и неговите помошници добро ќе ги анализираат Велика Британија, Унгарија и Луксембург и на секој меч ќе влегуваме со посебна тактика, во зависност од играта, наша, но и нивна. Паметни сме, интелигентни и можеме да ги сработиме зададените задачи на терен. Максимално подготвени ќе ги почнеме сите натпревари.
Знаејќи дека по Европското првенство во 2017 година секој следен шампионат ќе се одржува на четири години, ова се, можеби, најважните квалификации за Македонија во историјата. Целта, секако, е продолжување на континуитетот на учество на големите натпреварувања. Како најискусен во составот со долга интернационална кариера, се чувствува ли психолошки притисок?
Стојановски: Се согласувам. Како вие, новинарите, милувате да ги кажете, ова се навистина најважните квалификации, би се рекло историски за македонската кошарка. Свесни сме за тоа што ќе следува ако не успееме да се квалификуваме на шампионатот во 2017 година. Ќе се создаде еден јаз и неучество на квалификации или завршница повеќе од пет години. Не смееме да си дозволиме да се случи такво нешто, но не чувствуваме никаков притисок. Сепак, во репрезентацијата има играчи со искуство на играње на квалификациски мечеви или на европски првенства. Тоа е предност за нас бидејќи знаеме да се носиме со големи натпревари за репрезентацијата.
Минатата сезона ја заврши во најсилната кошаркарска лига во Европа играјќи во екипата од Андора во шпанското првенство. Имаше забележителни игри и според бројките што ги забележуваше зад твоето име се чини дека беше еден од носителите на играта. Според прикажаното, воопшто не беше проблем да најдеш ангажман и да продолжиш да играш во АЦБ лигата. Што може да се очекува и кои се целите на екипата на Севилја во следната сезона?
Стојановски: Откако ми заврши договорот со екипата од Андора, добив неколку понуди. Желбата, секако, ми беше да останам во најсилната лига во Европа. Со враќањето на Жан Табак во шпанската кошарка, кој ќе ми биде тренер во Севилја, целите на клубот се многу високи, како и во минатите години. Ангажирани се добри играчи со големо меѓународно искуство и играње на натпревари од Евролигата. Имињата како Лука Жориќ, Боштијан Нахбар и неколку одлични млади шпански талентирани играчи влеваат надеж дека Севилја оваа сезона ќе води битка за горниот дел на табелата во АЦБ лигата и ќе се обидеме да стигнеме до место кое води во доигрувањето за титулата. Сепак, ова е нов тим, ќе ни треба време да се воиграме и ќе треба добро да се подготвиме. Темпото ќе биде пеколно, но сите сме желни да покажеме дека знаеме да играме кошарка.
Разговараше: Бојан Момировски
(Интервјуто со Војдан Стојановски е објавено во 208. број на неделникот Република, 26.08.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Селекторот Давитков добил отказ од клубот: Репрезентацијата на Македонија е една, клубови имало и ќе има
-
Македонија против Словачка и Швајцарија во претквалификациите за ЕП 2021
-
Клучен меч за Македонија: Нашите кошаркари од 17.30 часот на мегдан со Естонија
-
Цените популарни, за 200 денари бодрете ја македонската кошаркарска репрезентација