Зоран Заев и СДСМ двапати годинава успеаја да избегаат од соочување со народот под изговор дека Избирачкиот список бил во ужасна состојба и дека во него наводно имало неколку стотини илјади фантомски гласачи. Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, беше обвинувана од опозицијата дека издавала лажни исправи што се користеле за изборни кражби. Спомнуваа некакви 75.000 фалсификувани лични карти и стотици илјади фантоми. Инсистираа да се избришат стотици илјади гласачи од Избирачкиот список, тврдеа дека не може да има повеќе од 1,5 милион гласачи… Раководството на опозицијата во изминатиот период бараше секакво алиби за да се „испере“ од дебаклот од 200.000 гласа разлика на последните избори во 2014 година. И после сѐ, не успеаја да ја продадат лагата како вистина, па повторно ќе треба да им објаснуваат на членството и на нивните гласачи зошто народот не ги сака.
Креирајќи приказна дека поддршката на власта од 500.000 гласачи е нереална, односно дека волјата на граѓаните е украдена, опозицијата веднаш по изборите во 2014 година го бојкотираше парламентот, со што ја блокираше нормалната работа на институцијата, а потоа со објавувањето на нелегално прислушуваните разговори ја воведе земјата во најголемата политичка криза од осамостојувањето и ја доведе на раб на граѓанска војна. Во меѓувреме, опозицијата влезе во сојуз со сите душмани на македонскиот народ и длабоко ги поткопа темелите на сите државни институции со цел насилно да ја преземе власта, заобиколувајќи ја волјата на граѓаните. За сето тоа време, насилството на улиците се правдаше со изговорот дека нема услови за фер избори. Откако Заев не успеа да добие поддршка од народот на улица, мораше да седне на преговарачка маса, каде што со помош на чадорот го доби СЈО, нов Изборен законик, нов состав на ДИК, неколку министерства, меѓу кое и тоа за внатрешни работи… Сето тоа го добија под изговор дека само така можат да ги докажат изборната кражба и лажните гласачи. Очајно бараа фантоми и лажни идентитети, но не најдоа ниту еден, освен тие на Чаушот.
Две години каде и да се појавеа лажеа дека биле жртви на изборен грабеж. Го лажеа народот, ги лажеа Брисел и Вашингтон, ги лажеа дипломатите… Заев тврдеше дека имало 200.000 фантоми и бараше теренска проверка за сите. Се закануваше дека нема шанси да се појави на избори без детален преглед во секој дом. Шекеринска изброи дури половина милион фантоми, за потоа да се правда дека и 40.000 не биле малку. Во право е – и 40 не се за занемарување, но ако постојат. Но, што е со одговорноста за лажните обвинувања? Многу е да излажеш дека има 5 фантоми, а не 500.000! Врз основа на таквите безобразни лаги, Пендаровски бараше „огромна теренска проверка“ за „прочистен, кредибилен Избирачки список како еден од предусловите за фер и демократски избори во Македонија“. Опозициските медиумски труби цела година оркестрирано трубеа на сите страни дека „е повеќе од јасно оти списокот е полн со фантомски гласачи“. Никој од нив не можеше да наведе ниту еден конкретен пример, па опозицијата мораше да бара нови и нови нелогични проверки на списокот, демек само што не ги откриле фантомите. И за сето тоа време, првиот човек на ДИК не смогна сили во ниту еден момент да излезе и јавно да се произнесе за фантомите, јасно и гласно да каже дали списокот е чист и ако не, поради што е спорен.
Откако странците увидоа дека изговорите на опозицијата не држат вода, побараа итно затворање на Договор од Пржино и избори без такви идиотски изговори. На крајот, СДСМ успеа да издејствува проверка на некакви 30.000 „спорни гласачи“, кои, всушност, поседуваат легално издадени документи, но од различни причини не се пријавиле во определениот рок од 25 дена во ДИК. И што е најважно, меѓу нив нема ниту еден фантом! Најголем дел од спорните гласачи се од албанска националност, а дел од нив се истакнати членови и активисти на опозицијата…
По ваквиот срам, во секоја нормална партија, самото членство ќе побараше одговорност од раководството за лажните тврдења. Но, од првите луѓе на партијата, наместо извинување, слушаме како упорно ја туркаат приказната за фантомите.
Не знам како опозицијата очекува да го убеди народот во овие безочни лаги, но, како и да е, сега дури и на нив им е јасно дека фантомите веќе не се во игра и дека по трет пат Заев нема да може да ги искористи за бегство од изборите. Да бидеме на чисто. И покрај најавата на Заев дека СДСМ ќе излезе на избори на 11 декември, тоа не значи дека раководството на партијата така лесно ќе се согласи да се појави пред граѓаните и да прифати тежок пораз. Напротив, и покрај сите блефирања пред домашната и пред меѓународната јавност дека е подготвен за избори во декември, СДСМ ќе направи сѐ за уште еднаш да избегне соочување со граѓаните. Токму затоа, во периодот по формирањето на новата техничка влада, опозицијата ќе почне да работи на креирање ново алиби кое ќе треба да го доведе во прашање легитимитетот на тие избори, вклучувајќи ги и резултатите од тие избори. Со тоа би се отворил простор за продолжување на кризата, што би ја вратило Македонија во 2014 година. Така Заев, Шекеринска и нивните блиски соработници ќе си го продолжат политичкиот живот. Но, дали ќе имаат сила по третпат да избегаат од народната казна, ќе покаже времето.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.