Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска го прими министерот за надворешни работи на Република Грција Никос Коѕиас, кој престојува во работна посета на Република Македонија.
Како што соопштија од кабинетот на претседателот на средбата биле разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Грција.
Претседателот Иванов ја поздрави и ја истакна важноста на денешната посета на министерот Коѕиас на Република Македонија, како продолжение на дијалогот на министерско ниво од минатата година во Скопје и Атина, и во тој контекст, го повтори интересот на Република Македонија за одржување на политичкиот дијалог меѓу двете земји на високо ниво.
-Изминатиот период имав можност во повеќе наврати да разговарам со премиерот Алексис Ципрас за прашања и предизвици од исклучителна важност за двете земји. Очекувам таа позитивна динамика на контакти и комуникација на сите нивоа да продолжи и да се продлабочи во наредниов период, како билатерално, така и во рамките на регионалната соработка, истакна претседателот Иванов, нагласувајќи го интересот за размена на посети на претседателско ниво во блиска иднина.
Претседателот Иванов ја посочи важноста на започнатиот дијалог меѓу двете земји во однос на мерките за градење на доверба и го истакна интересот на Република Македонија за интензивирање на соработката во таа насока, со цел да се создаде позитивна клима во односите меѓу двете земји која ќе придонесе за надминување на билатералната разлика околу името.
На средбата претседателот Иванов ја истакнал посветеноста на Република Македонија за унапредување на добрососедските односи со Република Грција, во духот на европските вредности и стандарди.
-Верувам дека заемната доверба може да биде зајакната преку одржување на отворен дијалог и реализација на иницијативите за соработка во сите области од заеднички интерес. Двете соседни земји имаат едно отворено прашање, а илјадници области каде имаат заеднички интерес, но и сериозни предизвици како мигрантската криза, безбедноста, кои не упатуваат на тесна соработка. Прашањето за името не смее да биде пречка да остваруваме максимална соработка во сите области од заемен интерес. Понекогаш времето носи решенија“, истакна претседателот Иванов на средбата.
Претседателот Иванов и министерот Коѕиас изразија задоволство од континуираниот позитивен развој на односите и подобрувањето на севкупната атмосфера меѓу двете земји.
-Имаме интензивна комуникација. Имаме големи заеднички интереси и за нас од посебно значење е стабилноста и просперитетот на нашиот сосед“, рече министерот Коѕиас на средбата.
Претседателот Иванов искажа задоволство што по средбите со премиерот Алексис Ципрас евидентно е подобрувањето на комуникацијата меѓу безбедносните служби.
-Подготвени сме веднаш да учествуваме во заеднички тимови на сите нивоа со цел справување со заканите”, рече претседателот Иванов.
Македонскиот претседател ги поздрави напорите и фокусираноста на министрите, и апелираше за забрзување на процесот на имплементација на мерките за градење доверба, и внесување на нови содржини во билатералната соработка. Како посебно значајни ги издвои интересот за продлабочување на економската соработка и усогласување на правна рамка, во интерес на бизнис заедниците од двете земји, потребата за натамошно инфраструктурно поврзување меѓу двете земји, преку ревитализација на железничката мрежа и отворање на нови гранични премини.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Претседателот Иванов на Климатскиот самит во Катовице
-
Расистички скандал во Грција: Коментатор нарече црномурест играч „мајмун“
-
Нова демократија: Владата се наоѓа во распаѓање поради Договорот од Преспа
-
Воружен инцидент на границата со Грција: Војници на АРМ отвориле оган во обид да спречат поголема група мигранти да влезат на македонска територија!