Компанијата Сардич МЦ денеска во Казандол, Валандовско, го постави камен темелникот на рударскиот комплекс за производство на катоден бакар со што првпат по 40 години во Македонија ќе се гради рудник.
Станува збор за англиско-украинска инвестиција која е проценета на 35 милиони евра, а во првите седум години се очекуваат приходи од околу 135 милиони евра или околу 20 милиони евра годишно.
Компанијата одлучи да инвестира во Македонија по двегодишни истражувања кои покажаа дека на Казандол има резерви од 33 милиони тони рудна количина, а досега за експлоатација се потврдени за 20 години. Капацитетот на рудникот е 4.000 тони катоден бакар, а ќе биде вградена современа технологија од фински „Аутотек“ која нема да има негативно влијание врз животната средина.
Во комплексот се планира да се изгради фабрика во која директно ќе бидат вработени 100 лица, а индиректно во целиот комплекс се очекува да бидат ангажирани 150 лица. Производството на првите бакарни катоди треба да почне за една година, а планирано е производството да биде пласирано на европските пазари.
На поставувањето на камен темелникот присуствуваа премиерот Емил Димитриев, вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски, директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Виктор Мизо и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во чие време како премиер биле реализирани преговорите за инвестицијата.
Според премиерот Димитриев, оваа нова инвестиција ќе отвори нови работни места со што ќе се намали невработеноста, но исто така придобивки ќе има и градежниот сектор, а позитивно влијание ќе има и врз растот на извозот и на индустриското производство.
– Согласно предвидената динамика на вработување од страна на инвеститорот, 36 лица се веќе вработени, а останатите вработувања ќе бидат реализирани во следните 12 месеци, што значи за една година 250 лица ќе го поминат процесот на обука и ќе се вработат во рудникот Казандол. Тоа е одлична вест за Валандово и граѓаните на Валандово, за кои како Влада изминативе години реализиравме голем број проекти со кои дополнително се подобруваат условите за живот. Оваа инвестиција на „Сардич МЦ“ е значајна и за градежниот сектор од причина што со неа се обезбедува работа на домашните градежни компании во вредност од 15 милиони евра и ангажирање на дополнителни 150 градежни работници кои ќе работат на изградба на објектите и инфраструктурата во рудникот, рече Димитриев.
Тој додаде дека радува и фактот што инвеститорот веќе работи и на истражување на рудниот потенцијал во наоѓалиштето Плавуш и во наоѓалиштето Петрошница бидејќи почетните истражувања на Петрошница покажале одлични резултати и голема е веројатноста за неколку години во Старо Нагоричане да започне голема инвестиција за изградба на рударски комплекс.
– И за овој проект како Влада и институции ќе работиме максимално посветено затоа што основен приоритет во нашата работа е отворањето нови работни места во сите региони од државата и продолжување на континуитетот на намалување на невработеноста, нагласи Димитриев.
Тој посочи дека Владата е пријателски настроена кон бизнисот и оти тоа го кажуваат и странските компании кои веќе работат во Македонија и кои добрите услови за инвестирање им ги пренесуваат на нивните пријатели и деловни партнери.
– Ако се навратиме пред 10 години, секој од нас ќе се потсети дека речиси никој не говореше за привлекување на странски инвестиции, а да не говориме за старт за изградба или почеток со работа на странска компанија. Но, оваа Влада, оваа политичка гарнитура, покажа дека работите може да се менуваат, додаде Димитриев.
За вицепремиерот Владимир Пешевски во рударскиот сектор во Република Македонија постои простор и потенцијал за нови инвестиции.
– Во периодот од 2006 до 2016 година доделени се вкупно 370 договори за концесии за детални геолошки истражувања на минерални суровини, од кои 325 веќе се во фаза на експлоатација, а 45 се во фаза на детални геолошки истражувања и се очекува откако ќе се заврши со процесот и тие да преминат во концесии за експлоатација, рече Пешевски.
Раководството на компанијата истакна дека Македонија ја одбрале како земја за инвестирање по долго проучување на многу други земји како Куба, Африка и Европа.
Рударскиот комплекс, чија изградба започнува денеска, се очекува да има позитивно влијание во регионот, но и приходи за државата. Проценетиот прилив на средства во Македонија од производниот капацитет е околу 20 милиони евра.
Ова е првата фаза, а со отворањето на следниот рудник компанијата планира и отворање дополнителен погон за преработка на катодите во бакарни цевки и валана жица.
Покрај концесијата за Казандол, компанијата „Сардич МЦ“ врши истражување и во Плавуш во Валандово и во Петрошница во Старо Нагоричане.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Орбан: Немам време да дишам, а не пак да се сретнам со Груевски
-
Орбан: Сорос е впуштен во прогонот против Груевски, а тој е мој соработник!
-
Груевски: Добив сознание дека ми се подготвува ликвидација
-
Коалицијата „Сите за правично судење“ ја оспорува професионалноста на МВР за обезбедување на Груевски