Косовската делегација денеска ги напуштила разговорите во Брисел за примената на договорот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, изјавил шефот на работната група на Србија Марко Ѓуриќ за српските медиуми.
Неофицијално, Приштина барала прво да се укинат српските институции на северот на Косово, потоа, со учество на косовските власти да се формираат нови српски институции што било неприфатливо за српската страна затоа што излегувало од договорот српските институции да се интегрираат со системот на Косово но без мешање на косовските власти. Косовските претставници исто така барале најпрво да се укинат сите судови во српските општини за потоа да се формираат нови и тоа исклучиво во согласност со косовските закони.
Српската делегација изразила жалење за одлуката на косовската страна да ги напушти преговорите. Официјален Белград соопши дека не е познато во кој вид и кога би продолжиле разговорите. Шефот на косовската делегација Хајредин Кучи рекол дека нема овластување да го прифати тоа што го предлага Белград, а би бил против и во случај да се согласи премирот Тачи. Косовската страна соопштила дека новиот состанок треба да се одржи на 21 мај.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.