| четврток, 6 декември 2018 |

ИВЗ ќе ја бојкотира Меѓународната конференција за меѓурелигиски дијалог

ИВЗ одлучи да ја бојкотира Меѓународната конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог, која почнува задутре во Скопје. Во своето соопштение ИВЗ изнесува тврдење дека во Македонија може да има сѐ, но не и меѓуверски и меѓукултурен дијалог, јавува „Канал 5“.

Исламската верска заедница во Република Македонија ќе ја бојкотира Меѓународната конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог, која почнува задутре во Скопје.

На конференцијата, која се одржува под мотото „Слободата и достоинството основни вредности на меѓучовечките и меѓукултурните односи“, ќе учествуваат стотина гости од странство, но не и претставници на Исламската верска заедница. Според ИВЗ, има безброј причини за одлуката за бојкот на светската конференција кој е организира од Владата и од Министерството за култура на РМ.

ИВЗ вели дека конференција е лицемерие затоа што во Македонија може да има сѐ и сешто, но не и меѓуверски и меѓукултурен дијалог меѓу заедниците кои живееат и дејствуваат во Македонија.

Во писменото соопштение се вели дека на трпението му дошол крајот и затоа ИВЗ не може да чека за да се решат прашањата акумулирани со години како што се Чарши-џамија во Прилеп, џамијата во Лажец, крстовите над саат-кулите во Прилеп и во Битола. ИВЗ не е задоволна ниту од  враќањето на национализираниот имот на ИВЗ, недоделување на земјиштето за изградба на исламски центар во Скопје, исклучување на исламскиот елемент од центарот на Скопје со проектот „Скопје 2014“ и многу други.

ИВЗ тврди дека уште во 2010 година за време на светската конференција во Охрид говорела за бојкот. Во своето соопштение ИВЗ бара реизградба на Чарши-џамија во Прилеп, изградба на џамијата во Лажец – Битола, доделување локација за резиденција и културен центар за ИВЗ и употреба на албанскиот јазик на конференцијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top