Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, вчера изјави дека на Турците од октомври ќе им бидат одобрени безвизните патувања во земјите членки на Европската Унија само доколку Анкара ги исполни сите услови, вклучувајќи ја и реформата на антитерористичките закони, јавија британските медиуми.
-Прашањето на безвизните патувања, што е директно поврзано со спогодбата за решавање на прашањето на бегалците, може да биде применето од 1 октомври само доколку сите услови бидат задоволени, рече Јункер на европскиот форум во Алпбах, на годишната конференција во Австрија.
Според него, „антитерористичките закони не можат да се користат за затворање на интелектуалци, научници и новинари“.
Шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, се закани дека неговата влада може да престане да им помага во запирањето на приливот бегалци и мигранти во Европа, доколку 28-члениот блок од октомври не ги ублажи прописите за патувања на Турците.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.