| четврток, 6 декември 2018 |

Боко харам повторно грабна деца

Нигериската исламистичка група Боко харам убила десет луѓе и грабнала други 13 лица во саботата во село близина на Чибок, каде што овие џихадисти, кои ѝ изразија лојалност на Исламската држава, во 2014 година грабнаа повеќе од 270 ученички. Според локалните жители, џихадистите дошле во селото Кубриву во саботата ноќта и почнале да пукаат по селаните кои спиеле, пљачкосувајќи ги и палејќи ги нивните куќи, по што побегнале грабнувајќи 13 жени и деца.

  • Борците на Боко Харам дојдоа на четири мотоцикли, по тројца на еден, и пукаа во куќите додека луѓето спиеја. Запалија сé откако ги земаа резервите од храна, ја одведоа стоката и грабнаа жени и деца. Меѓу грабнатите се седум жени, пет момченца и девојче – сведочат очевидци.

Во еден од претходните напади на Боко Харам врз селото Кубриву тоа беше целосно уништено, а неговите жители мораа да побегнат. Една година подоцна нигериската војска го ослободи селото, а селаните ги обновија своите домови.

И покрај успесите на војската во борбата против Боко харам, голем дел од североисточна Нигерија сé уште е под контрола на оваа радикална исламистичка група.

Боко харам од 2002 година врши терор на северот од Нигерија за да формира исламска држава, а главниот мотив е да се забрани западниот модел на образование, што, всушност, и значи нејзиното име „Западното учење е забрането“ на локалниот јазик. Групата стои зад повеќето терористички напади во градовите и масакри во руралните области на земјата и се смета за одговорна за повеќе од дваесет илјади жртви и 2,6 милиони раселени лица од 2009 година.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top