| четврток, 6 декември 2018 |

Владиката Петар: Јас сум од мајка роден, од женско, зарем неа би ја навредил

Погрешно протолкувана и извадена од контекст, вака Владиката Петар ги оценува негативните коментари за неговата изјава дадена за телевизијата 24 Вести. Тој само предупредува за падот на моралните вредности и отуѓувањето меѓу сопружниците. Божјата заповед „Не врши прељуба“, подеднакво важи и за мажите и за жените.

Никаде не употребив такви зборови кои беа присутни во коментарите кои по се изгледа имаа за цел целата изјава да ја извадат од контекст. Она на што сакав да укажам е да не си ги грешиме повеќе душите со чедоморството и прељубодејствието на што всушност не повикува и шестата и седма божја заповед „Не убивај“ и „Не врши прељуба“, вели Владиката Петар во изјавата која ја објави Денешен.

Негира дека на било кој начин ги навредил жените и дека некогаш имал таква намера, туку напротив според него одговорноста за направените гревови подеднакво ја сносат како мажите така и жените.

– Па и јас сум роден од мајка, односно од жена, па ако нешто такво сум рекол тогаш прво би ја навредил неа. Всушност за прељубата освен што е потребна жена потребен е и мажот, што значи одговорността и гревот е подеднаков како за жената така и за мажот. Слично е и со чедоморството, жената не ја носи сама одлуката дали да го убие своето чедо, туку врз таа одлука има влијание и мажот, дури понекогаш влијанието на мажот за донесувањето на таква одлука е поголемо, со оглед на тоа дека жената е понежниот пол, истакнува Владиката Петар.

Сосема смирено и без гнев ги прима сите коментари кои овие денови се упатуваат против него, сепак постои нешто друго што го загрижува.

– Мене она што ме плаши и загрижува е фактот што се повеќе некој сака во нашето општество да наметне некои искривени вредности, тоа што некој сака да го прикаже чедоморството како вредност и тоа многу повисока отколку раѓањето на деца, јас какви и да се коментарите секогаш ќе укажувам на тоа кои се вистинските православни вредности, вели Владиката Петар.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top