Осумнаесет натпреварувачи од кои девет мажи и девет жени денеска точно на пладне ќе влезат во водите на Охридското Езеро, како учесници на јубилејното, 30. издание на Охридскиот пливачки маратон.
Охридскиот маратон, што се одржува во организација на Пливачката федерација на Македонија, под покровителство на претседателот на Република Македонија, е редовна трка од „Гран-при” серијата на Светската пливачка федерација (ФИНА). И оваа година, ќе се плива на патеката „Климе Савин” од манастирскиот комплекс „Св. Наум” до градското пристаниште во Охрид, со вкупна должина од 30 километри.
Минатата година победи македонскиот пливач Евгениј Поп Ацев, кој направи историски успех со тоа што стана првиот Македонец кој победил на Охридскиот маратон.
Поп Ацев оваа година ќе се обиде да го задржи тронот, на кој се надеваат дека ќе се искачат и двајцата Македонци, Томи Стефановски, кој ќе го плива последниот маратон во својата кариера и Александар Илиевски. Освен македонски маратонци во Охрид ќе се натпреваруваат и пливачи од Италија, Бразил, Русија, Германија, Чешка, Хрватска, Венецуела итн.
Ќе направам се да го обранам тронот во Охрид на кој се искачив минатата година. Иако конкуренцијата не како претходните години, квалитетот воопшто не изостанува. И годинава подеднакво ќе биде тешко како и минатата година. Лично за мене важно е да имам добар настап, да ме послужи здравјето и да имаме мирно езеро, изјави Поп Ацев.
Охридскиот пливачки маратон е претпоследен во Гран при – серијата која оваа година содржи три трки. Последниот маратон е познатиот маратон Капри-Неапол, Италија, на 4 септември.
Рекордот на маратонот во Охрид му припаѓа на Аксел Рејмонд, постигнат пред две години кога, тогаш 19-годишниот француски маратонец, патеката ја исплива за 5:09:54 часа.
Охридскиот пливачки маратон континуирано се одржува од 1992 година, а првиот официјален маратон во Охрид се одржа во 1962 година на патеката Пештани – Струга – Охрид во должина од 36 километри. Победник на првиот маратон беше Египќанецот Абу Хеиф, третото место му припадна на охриѓанецот Дики Бојаџи, додека во женска конкуренција победи неговата сестра Атина Бојаџи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Напладне во Свети Наум ќе стартува 32-то издание на Охридскиот пливачки маратон
-
Миа Крстевска е новата шампионка во 200 метри грбно и освојувач на златен медал во Белград
-
Македонските пливачи подготвени за ЕП во Копенхаген
-
Голем срам на Олимписки базен – децата плаќале по 3 евра од трка, а резултатите биле објавувани на чаршави!