| четврток, 6 декември 2018 |

Промовирана илустрирана монографија за Македонија

Илустрирана монографија за туристичките потенцијали и културно-историски знаменитости „Македонија туристички бисер“ беше промовирана во Порта Македонија. На 600 страници се претставени над 350 места за посета, над 300 туристичко-угостителски објекти, има над 1700 фотографии и 12 карти. Целта на оваа монографија е да се претстават природните убавини, културно-историските знаменитости како и туристичко-угостителските објекти низ државата.
Природните и културно историски убавини се претставени низ десет туристички региони и за секој од нив има препораки за посета на најмаркантните локалитети и објекти.Монографијата е со енциклопедиски карактер и со бројни корисни инфорамции како за странските туристи така и за домашните.Покрај добро познатите, се претставени и објекти кои за првпат се на увид на јавноста.
Генералниот менаџер на Информативно деловниот бизнис центар, во чиешто издание е монографијата, и главен и одговорен уредник Крсте Савевски истакна дека идејата била да се создаде дело кое ќе ги обедини македонската убавина, културните вредности и традиција и на едноставен и разбирлив јазик да ги прикаже пред читателите.
„Целта е да дадеме придонес и поткрепа на туризмот со сите ресурси, бидејќи има значајна улога во македонскиот напредок.Читателот преку текст, фотографија, картографија ќе ја запознае Македонија. Монографијата е репрезент за туристичкиот потенцијал, култура, гастрономија, традиција. Македонија заслужува да ги истакне богатата историја и културно наследство, да ги афирмира алтернативните форми на туризам со цел да привлече што поголем број на туристи,“ истакна Савевски.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска потенцираше дека „Македонија туристички бисер“ е исклучително издание кое ќе ја афирмира државата во меѓународен контекст и на соодветен начин ја раскажува историјата на секој посетител.
„Монографијата му кажува на посетителот зошто посетата на Македонија е приказна која треба да се доживее, зошто сме земја на музеи, цркви, манастири, иконостаси, стара архитектура.Низ страниците е прикажано богатото културно наследство, археолошки локалитети, природни убавини. Манастирите и црквите ја одржуваат нашата духовна култура, а природните убавини физичката култура.Низ монографијата се прикажани и бројни културни и традиционални манифестации кои се препознатливи не само за регионот туку и за Европа и светот,“ изјави Канческа-Милевска и додаде дека монографијата е во духот на заложбите на Владата и министерствата за интензивна промоција на природни и културни убавини и потенцијали.
Автори на монографијата се Благоја Марковски, Ратомир Гроздановски, Тодор Чепреганов, Дејан Николовски, како и фотографот Анте Јосифовски. Монографијата е дел од годишната програма на Министерството за култура. Издадена е на македонски и англиски јазик, а може да се најде во музеите, сувенирниците и во некои книжарници.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top