| четврток, 6 декември 2018 |

Ќе се санира оштетениот дел на Долни Сарај

Завод и Музеј Охрид ќе започнат со проектот за санација и конзервација на јужните ѕидни платна на сцената Долни Сарај, кој чекаше реализација три-четири години. Од Националата установа Завод и Музеј Охрид велат дека континуирано во изминатиот период се барале средства за овој проект, а имало и доста поплаки од страна на граѓаните од аспект на безбедноста. Добиени се средства за започнување на овој проект, каде ќе се работи етапно по фази. Завод и музеј од Охрид објави оглас за санација и конзервација на јужните ѕидни платна на сцената.

Стручните лица подолго време укажуваа на опасноста од можното уривање на оваа култна сцена. Со средствата кои оваа година ги доби Националата установа Завод и Музеј од Министерството за култура, целосно ќе биде саниран ѕидот и нема веќе да претставува опасност за минувачите на тој простор. Издвоените средства за овој проект се три милиони денари. Додека компаниите можат да ги доставуваат своите понуди до 17-ти овој месец.

Конечно оваа година добивме средства за првата фаза. Така ќе го реализираме тој проект. Ќе го санираме она што е најнеопходно, односно оштетените ѕидни делови од летната сцена Долни Сарај, што се наклонети кон езерото, информира директорката на установата, Тања Паскали – Бунташеска.

Оштетувањата на овој дел се резултат на времеските прилики, но и фактот дека подолго време на сцената на Долни Сарај не било вложено во било каква санација. Во неколку наврати случајни минувачи, но и жителите од стариот дел на градот, беа директни сведоци на одрони на помали карпи и камени блокови. Моменталната слика на овој туристички атрактивен, но и значаен културен простор, детално ја опишува директорната на Завод и Музеј.

Има одредени оштетувања, нормално, временските прилики си го направиле своето. На некои места има отпадната камени блокови, на некои места, малтерот како врзивно средство го изгубил своето својство. Заради тоа дошло до оштетување на ѕидните маси, дополнува Паскали – Бунташеска.

Поради нејзиниот пристап, адекватноста и широчината на просторот, на сцената на Долни Сарај со децении се одвиваат најразлични манифестации, фестивали, концерти, хуманитарни настани, се користи и како помошна сцена во музичко-сценски и културни случувања од различен карактер. Некои од фестивалите кои се организираат во Охрид, посебно во летниот период ја имаат и како свој белег и заштитен знак, како Балканскиот фестивал на народни песни и игри, Охрид фест – Охридски трубадури и други.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top