Најмалку три лица загинаа и над 50 се повредени во подметната експлозија пред полициска станица во источниот турски округ Елазиг, јави телевизијата „Си-Ен-Ен Турк“. Според информациите на турските медиуми, борци на Курдската работничка партија го извршиле нападот во 09.20 часот.
Сведоци соопштуваат дека експлозијата, за која се претпоставува дека е предизвикана од автомобил-бомба, одекнала близу полициската станица, само неколку часа откако сличен напад беше изведен во провинцијата Ван, близу иранската граница.
„Си-Ен-Ен Турк“ посочува дека четирикатната зграда во која се наоѓала полициската станица се урнала и оти областа наликува на воено поле. На местото на нападот има огромна дупка, а експлозијата се слушнала до градот Елезиг. Кон местото на нападот се упатуваат голем број полициски и возила на итна медицинска помош, а властите упатија апел до граѓаните да даруваат крв за настраданите. Безбедносните сили покренаа операција за пронаоѓање на напаѓачите.
Ова е трет напад во Турција во последните 12 часа. Рано изутринава, три лица загинаа, а 73 беа повредени во експлозија на автомобил-бомба крај полициска станица во источната турска провинција Ван, на самата граница со Иран. Станицата се користи и како полициска касарна.
Утрово, во напад извршен од курдски борци против полициска управа во округот Хакјари, во југоисточна Турција, повредени се двајца полицајци. Југоисточниот дел на Турција, населен главно со Курди, е зафатен од бран насилство,откако во јули минатата година се распадна спогодбата за прекин на огнот, што беше склучена пред 2,5 години од страна на турските власти и забранетата Курдска работничка партија (ПКК).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.