Македонската кошаркарска репрезентација од денеска па се до петок ќе биде домаќин на „Трофеј Македонија“, силен турнир на кој покрај нашиот национален тим ќе учествуваат уште и селекциите на Црна Гора, Белгија и на Босна и Херцеговина. По двете контролни средби во Бугарија (еден пораз и една победа), овие три меча ќе бидат идеална можност за селекторот Раца да ги согледа моментните можности на македонскиот национален тим, при што ќе има и доволно време за корекции во играта до стартот на квалификациите за 31 август.
– Она што за нас е најважно е што ќе играме квалитетни натпревари против силни репрезентации. Ако направите споредба, ривалите со кои ние ќе се среќаваме се далеку посилни од оние на Унгарија, Британија и на Луксембург, што ќе ни овозможи одлично да се подготвиме за следните квалификациски натпревари. Задоволен сум од тренинзите и од она што го покажуваат кошаркарите, моментно се наоѓаме на 70% подготвеност, што е нормално и очекувам на стартот од квалификациите да бидеме во топ-форма – изјави селекторот Драган Раца.
Денешната програма, во СЦ „Јане Сандански“, почнува со натпреварот меѓу Белгија и БиХ што е на програмата во 16.30 часот, а Македонија својот прв меч ќе го игра во 19 часот против Црна Гора. Нашите кошаркари утре во 20.30 часот ќе ги одмерат силите со Белгија, а „Трофеј Македонија“ ќе биде затворен со дуелот Македонија – БиХ што е на програмата в петок во 20.30 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.