| четврток, 6 декември 2018 |

Дејан Јовановски: Толку ли е тешко да се почитуваме?

Воден од последните случувања во нашата, во македонската кошарка, некогаш репрезентативец, врвен спротист, потоа и генерален секретар на МКФ, а сега директор на Спортската Академија, Дејан Јовановски изрази потреба да ги каже своите ставови поврзани со најновите случувања на релација МКФ – некогашни репрезентативци, кои наводно не прифатиле да се појават на собирот на националниот тим за овој квалификацски циклус за ЕП 2017.

„Голема е честа да се биде дел од национална селекција, од младинските категории, преку првите настапи во сениорска конкуренција, до можноста да се биде дел од тим кој прави врвни спортски резултати во натпреварувања на европски и светски првенства и Олимписки игри, знаејќи дека се бранат државните бои, знаејќи дека цела спортска јавност е позади тебе со целосна поддршка. Перо, Тоше, Пеџа, Владо, сите од вашата генерација, сите оние од мојата генерација, сите оние од генерациите пред нас, се бореле за своја афирмација и егзистенција, но и одвоиле дел од својот живот, од своето време, давајќи придонес во афирмацијата на спортот, афирмација на државниот дрес, ја испочитувале спортската јавност и гледачите, а сето тоа од спортски, а не од финансиски причини.

Од сопствено искуство, тврдам дека победата секогаш, ама баш секогаш, најмногу ја посакуваат играчите на теренот, иако понекогаш провејува мислењето во изјави од различен тип, дека некој нешто повеќе посакувал, повеќе се борел…

Не, некогаш едноставно толку е капацитетот, толку е душата, толкави се психофизичките можности. Некогаш на другата страна противникот е подобар, посилен, во подобра форма.
Се случува, по различни основи, сликата за репрезентативците да е негативна, со бројни забелешки, навреди, но на тоа гледам како исклучоци, од недоволна информираност, некогаш од нервоза, од млади ликови….секогаш ќе ги има.

Она што сакам да го истакнам во врска со сликата за репрезентативците – за време на својата кариера, два месеци годишно, по своја желба, се ставаат на располагање на националниот тим, тоа е како било кои фирми/фабрики/индивидуалци – кои два месеци годишно, односно 16,7% (2 од 12) од своето годишно вложување и профит би го давале на нас, на спортската јавност, гледачите, навивачите, на децата, на државата…
Има ли такви? Ако има, секоја чест!

Имајќи го ова предвид, почитувањето кон репрезентативците треба да е уште поголемо, имајќи го на ум што се тие жртвуваат. Јас многу добро знам што може да се изгуби…сеуште ги носам трите штрафови во коленото, по повредата на мечот со Полска…

Оттука, капа доле за секој еден, од било која бранша, за секој банкар, правник, наставник, службеник, навивач, гледач, директор, возач, кој го оставил своето семејство, своите приватни обврски, го одложил летниот одмор за други времиња, жртвува со желба два месеци годишно, при што доброволно и со гордост го троши и споделува својот капитал.
Во актите на ФИБА се предвидува санкција кон играчи кои нема да настапат за национална селекција.

ФИБА може да одлучи да изрече санкции кон одреден играч, но не по своја воља и убедување, туку по пријава од национална кошаркарска федерација, како нејзина членка.
Македонската кошаркарска федерација поведува постапка за санкционирање на македонски кошаркари поради нивно отсуство од националниот тим. Играчи кои од младинските репрезентации, преку неколку европски квалификации и првенства, преку остварување на најголемиот успех на македонската кошарка, повеќе од 15 години го носат националниот дрес и ја подигнаа нашата селекција во врвот на кошаркарска Европа.

Медиумите ја шират веста дека Управниот одбор на МКФ ја потврдил одлуката на првите луѓе на федерацијата, а со тоа ја делат и одговорноста за иницирање на евентуалните консеквенци кон пријавените Самарџиски и Антиќ.

Покрај задолжителните членови во УО на МКФ, кои се од неколку спортски здруженија, имав можност да ги запознаам и останатите членови на сегашниот УО, за кои имам мислење и верување дека тие навистина сакаат да помогнат и направат нешто добро за кошарката, меѓутоа, затворени се во контролиран круг во кој буквално се бомбардирани со половични и манипулативни информации.

По откажувањето на неколкумина врвни играчи од НБА лигата за настап на Олимписките игри во Рио за селекцијата на САД, од редот на Кари и Леброн, на кои сезоната им трае речиси цела година, Комесарот на Лигата, квалификуван, компетентен и едуциран човек, во манир на господин, се заблагодари на истите за се она што го направиле во кошарката – истакнувајќи дека е голема чест да се биде дел од опкружувањето и организацијата на спортот во кој се активни такви професионалци, кои освен своите обврски кон клубовите – вршат и други општествени активности, претставуваат вистински идоли на младата популација, имаат семејства и свој приватен живот, како и секој од нас.

Слично и со Германија, во однос на Новицки, во Шпанија со браќата Гасол, кои се менуваа во различни првенства, итн.

Во светот е пракса, по достигнувањето на својот играчки зенит, националните федерации да се заблагодарат на своите носители на спортот, да им помогнат во продолжувањето на нивната спортска кариера, но и да ги вклучат во, би го нарекол, редовниот живот.

За жал, кај нас не е таков случајот. Напротив.

Во последната година навистина се преминаа сите граници на фер плеј и взаемно почитување, во федерацијата, меѓу нејзини членови индивидуалци, меѓу клубовите, во сите категории на национални селекции…со бркање тренери, многу пресови, недокажани и неутврдени ставови, незгодни разговори со неподобни новинари, патувања од типот на Марко Поло…

Со оглед на моето спортско искуство, си дозволувам да се обратам до:

Управен одбор на МКФ – убеден сум дека имате најдобри намери, но за да ги остварите, излезете и поразговарајте со компетентни луѓе, луѓе од спортот, интелектуалци, спортски институции, други федерации…

Агенција за млади и спорт – Маријан, лично видов од нашата соработка дека си по цели денови на терен, со пребукиран дневен ред, но обиди се да најдеш време и ги повикаш одговорните во МКФ и им укажеш дека правецот во кој одат е погрешен, а воедно заштити го Амбасадорот на спортот од понатамошни бламирања во меѓународни рамки…бламот оди на сметка на македонските спортски институции.

Здружение на играчи – се работи за Ваши колеги, заземете став по ова прашање!

Здружение на тренери – Треба да реагирате и дадете јасен став и предлог во врска со Регистрацискиот правилник во врска со критериуми за тренери кои можат да работат во Република Македонија, особено ако е вистина шпекулацијата дека ангажираните селектори во младинските национални кошаркарски селекции У16 и У18 се професори во средно училиште во САД по предметот Историја.

Стручен совет – не смеете да дозволите понатамошно деградирање на нашата бранша – по овој правец и создавање на негативна атмосфера, со некоректно и арогантно тренирање на дисциплина од избраници кои имаат далеку понизок рејтинг од оној на нашата селекција, се плашам дека ќе останеме без пласман на следното Европско првенство.

Перо – Извини што немаме господин кој би ти заблагодарил за се она што направи за македонската кошарка… Заслужи! Извини што си најдобриот македонски кошаркар на сите времиња, со две европски титули во кои имаше огромна играчка заслуга (а не беше со медал како член на поширок состав), како и првиот Македонец во НБА…

Пеџа – Извини и на тебе…

Кога некој ќе сака да напише или рече нешто негативно за спортските репрезентативци на нашата земја, најпрвин нека се потсети и спореди со нивната и својата жртва за нашиот спорт, националниот дрес и интерес!“

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top