| четврток, 6 декември 2018 |

Сведоштва на спасувачите: „Тато, тато, каде е брат ми?“

svedostva.png1

За луѓето кои починале, но и оние кои биле спасени, за тешката ноќ по големото невреме што го поплави Скопје, во документарниот филм „Сведоштва“ на ТВ Нова зборуваше еден херој кој спасил многу животи, но и видел неколку згаснати. Неговиот ангажман започнал во Сингелиќ, а продолжил кон едно од најкритичните места – клучката пред Стајковци.

-По претходната задача што ја работевме во Сингелиќ, се упативме кон Арачиново. Почнавме да ги тргаме дрвјата со сајла за да се пробиеме на непроодниот терен. Имаше голем број луѓе кои бараа помош.  Дојде еден човек и пријави дека додека бил во возилото го подигнала водата и се враќал назад 15 метри. Сопругата била со него и не била подвижна, само му рекла, остави ме мене, спаси се ти! Возилото беше пронајдено по еден час откако се намали нивото на водата кога ни јавија дека кај едно од возилата може да се види само покривот. Светевме со батерии да видиме дека има човек во возилото, тоа беше сопругата на човекот. Пристигна медицинската екипа и констатира смрт, вели спасувачот.

Во медиумите се зборуваше многу за тажната судбина на четиричленото семејство од Крива Паланка кое во кобната вечер се враќало од одмор. Нашиот соговорник зборуваше и за нивната сторија.

-Мажот од Крива Паланка нè молеше да ги пронајдеме неговата сопруга и децата. Дадовме се од себе, го претресовме секое возило што беше истуркано од водата. На помош дојде и еден човек кој ни кажа дека нивата е негова и во неа имало бунари, па порача да не одиме сами и дојде со нас. Го пронајдовме детето кое трчаше кон татка си и викаше „Тато,  тато“. Кога се пресретнаа започнаа да се прегрнувааат и детето праша „Каде е брат ми“?  Неговиот татко ја тргна главата настрана и започна да плаче. Мајката и братот на спасеното момче ги баравме долго, никаде ги немаше.  Никогаш досега сме немале вакво искуство, изјави сведокот.

Тој зборуваше и за ангажманот во Сингелиќ, каде што извадиле голем број луѓе од возилата.

– Оттука ги носевме луѓето во раце 150 метри. Бевме со дефендери – три дефендери по двајца припадници. Мислам дека Сингелиќ беше најкритично. Како што ни јавуваа и бараа помош, така се упатувавме до точките. Влегуваше вода во дефендерот што почнуваше да се полни. Се качивме на покрив, па го влечевме со сајла. Извлековме живи лица од возило кои бараа помош.  Имаше луѓе на тераси кои молеа за помош. Немаше услови за прва помош, ние бевме среде поплавата и брзавме онаму каде што требаше да влечеме лица на безбедно место. Ни пријавија човек под возило, лично јас го подигнав возилото, се работеше за лице до 65 години, го извадивме, брзата помош беше зад нас, лицето беше во бесознание и екипата на Брзата помош констатира смрт, го раскажува херојот своето последно трагично сведоштво од тешката ноќ во која загинаа 22 лица, а илјадници беа спасени.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top