Културно-забавната понуда на Охрид за денеска предвидува две интересни содржини, преку музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ со концертот на францускиот виолончелист Марк Копе и рускиот пијанист Питер Лаул во „Света Софија“, како и долго очекуваниот настап на Ал Ди Меола на Античкиот тетатар во рамки на фестивалот „Охрид колинг“ .
Кога станува збор за виолончелистот Марк Копе, критиката го смета за еден од водечките виолончелисти на денешницата. Повеќе од 20 години тој е постојан гостин во концертните сали низ светот, како солист и како камерен музичар. Во неговиот репертоар може да се најдат дела од различни периоди, но најзначајно место зазема музиката на германскиот композитор од времето на барокот – Јохан Себастијан Бах.
Неговиот колега на пијано Петер Лаул е пијанист чија концертна дејност се протега речиси низ сите земји во Европа, но и надвор од границите на континентот. Настапува како солист и како камерен музичар, притоа соработувајќи со голем број значајни музички имиња и водечки оркестри. Добитник е на национални и интернационални награди. Има издадено повеќе компакт-дискови, а има остварено и бројни ТВ и радиоснимки во Русија и други земји.
Што се однесува на концертот на Ал Ди Меола, тој е еден од најпознатите светски гитаристи на денешницата. Ова е второ негово гостување во Македонија после 2008 година, а неговиот настап во Охрид вечерва е во рамки на промотивната турнеја за неговото последно албумско издание со наслов „Elysium“. Големиот гитарист веќе е во Охрид, каде најави дека ќе остане неколку дена за да ужива во убавините на нашето најпознато летувалиште.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.