| четврток, 6 декември 2018 |

Најубавите песни од Каролина се пееја синоќа на Антички театар во Охрид (видео)

Големиот open air концерт на Каролина Гочева синоќа беше главниот настан во Охрид. Тесните охридски сокачиња кои водат до Античкиот театар беа претесни за посетителите кои уште еден час пред концертот се упатија на најубавиот простор во Македонија-Античкиот театар во Охрид.

Седиштата беа исполнети до последното место, а нетрпеливите посетители уште пред почетокот на концертот на големо се фотографираа и поставуваа видеа и фотографии на социјалните мрежи. Сценографијата беше надополнета со прекрасниот портрет на Каролина, а таа како и секогаш-елегантна и насмеана се забавуваше заедно со публиката.

Пролетната турнеја во повеќе концертни сали низ градовите во Македонија, на Каролина и нејзиниот бенд им овозможи дружење и промоција на албумот „Извор“, а синоќа во Охрид дојдоа откако еден ден порано гостуваше во родната Битола каде настапи исто така на преубава локација-Хераклеа.

Во Охрид таа со двочасовен концерт ги претстави сите песни од албумот „Извор“, како и најубавите песни од историскиот проект „Македонско девојче“.

Публиката уживаше, сите ги пееја песните во еден глас. „Пролет, лето есен, зима“, „Ај беше мај“,  „Птицо малечка“, „Ружа ружица“… ечеа синоќа на Антички, исто и „Кој да ми запее“, „Две лири“, „Газам боса“, „Земи го серцево“… На концертите во Битола и Охрид дел од публиката за прв пат имаше можност да ги чуе во живо сите нови песни од долгоочекуваниот албум на Каролина насловен „Извор“, а се потсетија и на најубавите нумери од проектот „Македонско девојче“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top