На олимписките игри во Рио продефилираа голем број на спортски ѕвезди. Мајкл Фелпс, атомскиот пливач кој ги руши сите рекорди, Новак Ѓоковиќ, Рафа Надал и другите тениски ѕвезди, членовите на американскиот кошаркарски тим Кевин Дурант и Кармело Ентони, Нејмар… Меѓутоа се чини дека најдоброто секогаш доаѓа на крајот. Од синоќа започнаа и натпреварите во „кралицата на спортовите“ атлетиката, во која ќе ја видиме најголемата ѕвезда јамајкансиот спринтер, рекордер и шампон Усеин Болт.
Денеска во 14.30 часот на олимписката патека во Рио ќе се појави најбрзиот човек на светот, кој натпреварувањето ќе го започне во квалификациите 100 метри.
– Тој само сака да се натпреварува. Сака да заврши со тоа и да си оди дома да ужива. Мислам дека е добро подготвен. Знае дека старее и знае што да очекува“, вели неговиот колега и сонародник – Асафа Пауел.
Во Рио ќе се стави крај на една неверојатна олимписка кариера која почна во 2004 година, кога 17-годишниот Болт со болки во бутниот мускул не го помине првото коло на машката трка на 200 метри.
Оттогаш патеката оди само нагоре. Болт има освоено 11 титули од Светските првенства, шест олимписки медали (двапати по 100 и 200 метри и 4х100 метри). Единствен друг спринтер со сличен успех беше Карл Луис, чии успеси се помалку „матни“ – тој освои злато во 1984 кога имаше бојкот на Советскиот Сојуз и во 1988, кога Канаѓанецот Бен Џонсон беше дисквалификуван.
– Сакам да забавувам. Дефинитивно сум спринтер на прво место, но сакам да забавувам. Луѓето доаѓаат да го гледаат тоа и јас им го давам. Атлетиката да биде малку поинаква. Затоа луѓето ме сакаат – вели Болт.
Распоред на трките во кои ќе настапи Усеин Болт:
сабота, 13 август, 100 метри, прво коло, 14.30
недела кон понеделник, 14 август, 100 метри, полуфинале, 02.35
недела кон понеделник, 14 август, 100 метри, финале, 03.25
вторник, 16 август, 200 метри, прво коло, 16.50
среда кон четврток, 17 август, 200 метри, полуфинале, 03.00
четврток, 18 август, 4х100 метри, квалификации, 16.40
четврток кон петок, 18 август, 200 метри, финале, 03.30
петок кон сабота, 19 август, 4х100 метри, финале, 03.35
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.