По шест години и осум големи натпреварувања, едно европско злато и едно олимписко сребро, Драган Аџиќ ќе го напушти кормилото на женската ракометна репрезентација на Црна Гора.
Причината е јасна, Сребрената репрезентација од пред четири години во Лондон доживеа вистинско фијаско на ОИ во Рио де Жанеиро, каде допатуваа со желба за медал, а по четирите порази во низа веќе нема дилеми, оваа репрезентација настапот ќе го заврши уште во групната фаза, со утрешниот меч против домаќинот Бразил.
Како што јавуваат црногорските медиуми, Аџиќ воопшто нема намера да чека да се дискутира за неговата иднина, смета дека е дојдено до презаситеност меѓу него и ракометарките, па решил самиот да си замине од кормилото на националниот тим. Трофејниот стратег веќе им порачал на луѓето од федерцијата дека е време некој да внесе нова енергија, за Црна Гора веќе на ЕП во Шведска на крајот на годинава повторно да се бори за највисок пласман.
Аџиќ ќе продолжи да ја извршува функцијата шеф на стручниот штаб на Будуќност, каде „десна рака“ од новата сезона ќе му биде Бојана Поповиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.