Џозеф Скулинг од Сингапур го освои првиот златен медал за неговата нација со шокантна победа над Мајкл Фелпс на 100 метри пеперутка во трка во која тројца завршија како втори.
21-годишниот Скулинг беше во контрола на трката и победи со време на олимписки рекорд од 50.39, дури 0.75 секунди пред тројца пливачи на второто место – Фелпс, Јужноафриканецот Чед ле Клос и Унгарецот Ласло Чех.
– Пресреќен сум. Уште не сум сфатил што направив. Лудо! Се надевам дека Мајкл ќе остане во базенот да се тркам повторно против него – вели Скулинг.
31-годишниот Фелпс не успеа по четврти пат едноподруго да победи во оваа дисциплина, но може да освои и 23. злато во 4х100 метри мешано штафетата, која ги затвара натпреварите во олимпискиот базен во недела наутро.
– Ова е тоа. Во Лондон ветив дека не се враќам, но ова е крајот за мене – изјави Фелпс.
За приказната да биде „комплетна“, Скулинг пред осум години за време на Игрите во Пекинг има своја фотографија со Мајкл Фелпс, која му послужила како инспирација во кариерата. Сега, осум години подоцна, тој доживеа да добие честитки од најтрофејниот олимпиец на сите времиња.
– Како дете сакав да бидам како Фелпс, лудо е да се помисли што се може да се случи за осум години. Голем дел од заслугите за ова злато одат на адреса на Мајкл, тој е причината поради која сакав да станам подобар и подобар пливач“ – изјави Скулинг по трката.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.