| четврток, 6 декември 2018 |

Седмото издание на фестивалот „Македокс“ под мотото „Сите сме приказна“

Фестивалот „Македокс“ оваа година ќе прикаже вкупно 63 документарни филмски остварувања распоредени во пет програми, и тоа: Главна програма, Нови автори, Руски снег, Кратки документарци и Студентски приказни

Седмото издание на фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ во Скопје ќе се одржи со мото „Сите сме приказна“ од 20 до 26 август 2016 година во Куршумли-ан, Чифте амам и во Музејот на современата уметност во Скопје.

Фестивалот „Македокс“ оваа година ќе прикаже вкупно 63 документарни филмски остварувања распоредени во пет програми, и тоа: Главна програма, Нови автори, Руски снег, Кратки документарци и Студентски приказни.

Со програмата „Студентски приказни“ го остваруваме долгосонуваниот сон на „Македокс“ да ги здружи студентите-раскажувачи од целиот свет. Годинава имаме нова натпреварувачка програма со 23 студентски филмови чии автори, продукции или приказни претставуваат 22 земји: Холандија, Германија, Португалија, Естонија, Турција, Србија, Словенија, Хрватска, Белгија, Индија, Унгарија, Швајцарија, Јапонија, Лесото, Јужноафриканската Република, Романија, Македонија, Молдавија, Австрија, Чешка, Грција и Сирија. На фестивалот ќе бидат присутни 20 автори на овие филмови.

Во студентската програма имаме 3 светски премиери со документарни филмови на македонски автори. Станува збор за најновите остварувања на Тамара Котевска, Сандра Јовановска и Ана Алексовска. Студентската програма се отвора со домашниот документарен филм „СТУДаНТС “ на Тамара Котевска, по што студентските приказни ќе продолжат да се раскажуваат во пет слоевити комбинации пред Куршумли-ан.

Годинава на „Македокс“ ќе се случат три работилници: „Работилница за уметноста на раскажувањето“ од 21 до 24 август во Музејот на современата уметност; „Раскажувачите раскажуваат“ од 22 до 25 август во Чифте-амам; и „Сторивуд“ во и околу Куршумли-ан.

Го знаеме како Пикисипи или диџеј Димитри од Чаир. Го памтиме по култните „Чиста околина“ и „САФ“. А годинава ќе го запознаеме како ментор и предавач на „Работилница за уметноста на раскажувањето“, работилница за уметноста на раскажувањето во хип-хопот. Овој четиридневен „празник за ушите“ ќе собере на едно место некои од најреномираните македонски хип-хоп артисти кои преку сопствените творечки искуства во рапувањето, продукцијата и скречувањето, брејкденсот и графитите, ќе се обидат да го демистифицираат креативниот процес како феномен и да понудат формула за тоа како се станува квалитетен наратор во конкретниот елемент на хип-хопот. Работилницата е отворена за сите коишто сакаат да прераскажуваат приказни, особено музички.

За годинашниот „Македокс“, Иика Вехкалахти од Финска осмисли серија мастер- класови – приказни „сечени, лепени и монтирани“ – по свој драматуршки рецепт.

Предавањата со наслов „Раскажувачите раскажуваат“ ќе бидат отворени за сите заинтересирани раскажувачи, а особено за режисерите и студентите по филмска уметност.

Искуството, вредностите, начинот на кој филмовите заведуваат, грешките, изборите и начинот на гледање филмови се т.н. филмски гревови за кои тој ќе раскажува заедно со режисерите Магнус Гертен (Шведска), Петра Селишкар (Словенија), Клаудија Тоси (Италија), Дон Едкинс (Јужна Африка), Лена Пасанен (Финска), Стефано Теалди (Италија), Татјана Соболева (Русија) и Андреас Јонсен (Данска). Секој од нив ќе ни го пренесе својот начин на раскажување, доближувајќи ја својата најнова приказна, дел од годинашната програма на „Македокс“.

Седмото издание на „Македокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на Република Македонија, Медиа програмата на Креативна Европа, Националната фондација за демократија и Град Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top