Кошаркарите на Хрватска ја обебедија и втората победа во својата група од олимпискиот турнир откако среде Рио де Жанеиро го совладаа домаќинот Бразил со резултат 76-80. „Кариоките“ влегоа во овој натпревар на крилјата на големата победа над Шпанија во претходната рунда, но налетаа на максимално расположените избраници на Александар Петровиќ, кои предводени од извонредниот Бојан Богдановиќ знаеја како да си создадат предност, а потоа истата и да ја задржат до самиот крај. Како пресудна се покажа хрватската „артилерија“ со шутевите од далечина, „коцкестите“ погодија 11 тројки од вкупно 21 обид, дел од нив во клучните моменти, што беше пресуден фактор за победата на Хрватите на оваа средба.
Бразил беше подобар само на почетокот, водејќи најпрвин со 5-0, а потоа и со 9-4. „Коцкестите“ набрзина се вратија, со поените на Планиниќ ја завршија првата четвртина со минимална предност од 19-21, а потоа во вториот период уште повеќе доминираа, па на одмор заминаа со убедливи 31-41. Домаќините се обидоа да се вратат во неколку наврати, опасно се приближуваа, но кога беше најпотребно Хрватите погодија клучни шутеви, влегуваа во серија и на крајот заслужено стигнаа до триумф.
Бојан Богдановиќ одигра фантастичен натпревар постигнувајќи 33 поени, Шариќ реализираше 15, а Укиќ седум поени за победничката селекција, сите во првата четвртина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.