| четврток, 6 декември 2018 |

На ред се центарските позиции, покрај Мејси, МЗТ Скопје го договори и Јуре Лалиќ

jure lalic

Хрватскиот интернационалец Јуре Лалиќ (30 год., 211 см.) е вториот кошаркар кој вчера ги засили редовите на МЗТ Скопје Аеродром откако синоќа ги финишира сите формалности околу потпишувањето договор со актуелниот шампион.

Станува збор за класичен центар, кој минатата сезона ја одигра во дресот на словенечка Крка, а кој кариерата ја има почнато во малку познатиот хрватски тим Амфора од Макарска. Лалиќ е искусен кошаркар, кој се очекува да донесе цврстина во играта под кошевите, а кој досега има играно и за Задар, белгиска Шарлоа, Унион Олимпија, Цибона, бугарски Лукоил Академик и полски Зиелена гора.

Новиот центар на сино-белите е своевиден магнет за шампионски титули, со оглед на тоа што досега има дури шест, и тоа по две во Словенија и Хрватска и по една во Белгија и во Полска, а во ризницата има и пет куп-пехари, и тоа три во родната земја, а по еден во Белгија и во Словенија.

Денеска потпис на договор со МЗТ Скопје Аеродром стави Американецот со македонски пасош Џеремаја Мејси, а претходно беа ангажирани неговиот сонародник Џош Скот, Холанѓанецот Шарлон Клоф, Србите Ѓорѓе Дреновац и Урош Лучиќ, како и македонскиот репрезентативец Марко Симоновски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top