| четврток, 6 декември 2018 |

Поплавата му го зема најдобриот пријател: Со часови гледам во неговиот автомобил и патиките

prijatel-nuhi

– Пред три дена се договоривме да се видиме со другар ми Фуркан Фејзула. Не знаев дека тоа ќе биде нашата последна средба. Тешко е да се поверува дека таков човек, полн со живот, забавен, но пред сe голем другар, може да го снема. Ете, оној бел „голф“, што е фрлен сред нива, го удави во поројот во саботата. Најтрагично е што и неговата двегодишна ќерка е удавена, всушност, ја нема. Kога дошла водата, ги однела двајцата, а жена му ја нашле жива тука кај првите куќи од селото Стајковци, вели триесет и двегодишниот Нухи Дураки од Арачиново за Дневник.

– Не можам да го заборавам Фуркан и многу ми е тешко. Тука на крајот од улицава се неговите зелени патики, ги помнам, нови му беа. Дојдов да се простам од него тука, каде што последен пат дишел, сакам да го памтам по доброто расположение и пријателството што го делевме последниве десетина години, додава тој.

Нухи го затекнале како стои кај подвозникот на обиколницата во близина на Смилковското Езеро, велат веќе три дена во исто време доаѓа на улицата и гледа кон автомобилот на другар му. На нивата каде што заглавен во кал е автомобилот на Фуркан има уште неколку возила што водата ги нафрлала како да се играчки. До автомобилот на Фуркан има и огромен бел шлепер, кој исто така стои превртен.

– Вратата од „голфот“ на Фуркан е отворена, сигурно сакал да бега, но водата го затрупала. Автомобилот е пропаднат како во жива кал. Не знам како патиките на Фуркан завршиле тука на асфалтот, не се осмелувам ни да ги пипнам, само ги гледам,  вели Нухи за Дневник.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top