Да не се користи целата храна што била во контакт со водата од поплавата, во поплавени фрижидери, замрзнувачи или подруми, советува Агенцијата за храна и ветеринарство.
За време на поплавите постојано да се следат информациите за водоснабдувањето и безбедноста на водата за пиење преку локалните и националните телевизии, радиjа и преку интернет-порталите, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство. Се препорачува малите деца да се хранат со индустриски приготвена храна.
Оттаму истакнаа низа препораки за заштита и на населението и на животните.
– Да се дезинфицираат сите работни површини, како и приборот за готвење и за јадење.
– Храната да се приготвува со безбедна вода и задолжително термички да се обработи на температура повисока од 70 Целзиусови степени.
– Приготвената храна да не се чува подолго од два часа на собна температура. Таа треба да се чува на температура пониска од 10 Целзиусови степени.
– Да се избегнува контакт на суровата храна со термички обработената храна.
– Овошјето и зеленчукот, кои обично се користат свежи, сега дополнително да се измијат во млака вода, да се исчистат, повторно да се измијат и термички да се обработат.
– За пиење, за приготвување храна и за одржување лична хигиена да се користи само пакувана вода или вода за пиење од цистерни што ја доставуваат јавните водоснабдителни претпријатија.
– Доколку постојат резерви вода, таа да не се употребува додека не се преврие (вриење најмалку 15 минути), или водата да се хлорира на соодветен начин, или од страна на стручно лице.
– Ако водоснабдувањето се врши од индивидуални водоводни објекти, каде што е видливо заматување на водата, таа да не се користи за пиење и за готвење, сѐ до санирањето на состојбата и до добивањето лабораториска потврда дека водата е безбедна.
– Доколку водоснабдувањето се врши од индивидуални водоводни објекти, каде што нема видливи промени на водата, се препорачува да се изврши нејзина превентивна дезинфекција.
– Редовно да се одржува хигиена на рацете со сапун или со средство за дезинфекција, особено по контакт со водата од поплавата или со предметите што биле поплавени, особено по чистењето и пред приготвувањето храна.
– Да се заштити готовата храна за да не дојде во контакт со водата од поплавата или со отпадните води.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.