Фестивалот за современи уметности АКТО денеска на прес-конференција ќе ја соопшти програмата за годинашното, 11-то издание, кое ќе се одржува од 12-ти до 14 август во Битола, а потоа со нови содржини ќе продолжи во Скопје во септември, во Штип во октомври и во Тетово во ноември.
– Мото на годинашниот АКТО е Pop Up или искрснување. Покрај секојдневната музичка програма, сижејната линија на 11-тото издание на фестивалот ќе биде политичката моќ на колективите, а оваа тема ќе се отвори од повеќе аспекти преку дискусии со уметници и членови на независни иницијативи од Балканот, соопшти организаторот.
Тридневната програма во Битола ќе се одвива во специјално дизајнирана хала во поранешниот комплекс на фабриката за фрижидери, како и во кафе-барот „Јагода“. Во рамки на програмата ќе има музички настапи, конференции, изложби, претстави и работилници.
Во музичкиот дел ќе настапат бендовите Дисциплина кичме, Фолтин, Ти, диџејот Џимпстер од Англија, како и многу локални бендови и диџеи од битолската сцена. Во театарскиот дел ќе бидат изведени претставите „Битката на Неретва“ на Борис Бакал (Хрватска) и „Кампакам“ на Владо Репник (Словенија).
На фестивалот ќе се одржи и конференцијата „Engage“ на Младински образовен форум. Во склоп на програмата, ќе бидат поставени и изложби на фотографии од повеќе автори, а под мотото „Микрозаедниците и нивната (не)моќ“ ќе се собираат пораки од граѓани на повеќе локации низ Битола.
Поп ап АКТО е организиран од ФРУ – Факултет за работи што не се учат, а финансиски е поддржан од Агенцијата на САД за меѓународен развој УСАИД.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.