Шабан Салиу, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) изјави дека уште се трага по пријавени исчезнати лица по катастрофалните поплави кои го зафатија Скопје пред три дена.
– Од она што го имам како информација по координација со другите институции, располагаме со бројка од три или четири лица кои се исчезнати – рече Салиу.
Според него, најважно е да се санира инфраструктурата.
– Најважно е да се исцрпат водите и калта, да се расчисти ѓубрето и да се почне со санација на теренот. Откако нема да има води, кои сега претставуваат опасност за пуштање струја, ЕВН ќе реагира. Неблагодарно е да посочиме точен временски рок, но очекувам за два-три дена да се покажат првите резултати – рече тој.
Салиу вели дека детални анализи допрва треба да се направат, но смета дека освен силниот дожд, немало други причини кои влијаеле на количината на поплавите и во силата на водата која направи трагедија:
– Имаше различни шпекулации, но она што го гледаме на терен – како во Страчинци, тоа е вода која дошла од планините и околу еден и пол метар го има однесено патот. Јас немам информации дека други причини влијаеле на силата на поплавите. Ова беше чисто од дождот и тоа не може да се спречи – кажа Салиу.
Екипи постојано се на терен во Стајковци, Ченто, Сингелиќ, Страчинци, Булачани, Винце, Црешово, Камник и Раштански Пат.
Околу 270 луѓе од ДЗС и 250 единици механизација го расчистуваат теренот. Стигната е помош и од странски држави.