| четврток, 6 декември 2018 |

По поплавите во Македонија активиран механизмот на ЕУ за цивилна заштита

ек

ЕК информира дека денеска Република Македонија го активира Механизмот на ЕУ за цивилна заштита по обилните поплави и лизгањето на земјиште кои зедоа многу човечки жртви во предградијата на главниот град Скопје.
Екипа на технички експерти ќе пристигне на 9 август за да изврши проценка на предизвиканата штета и да даде препораки на властите за цивилна заштита на национално и локално ниво.
– ЕУ е подготвена да и пружи помош на ПЈРМ сега кога и е најпотребна. Во моментов, ние сме во контакт со властите во Скопје и со останатите земји кои се дел од Механизмот за координација со цел да обезбедиме брз одговор на барањето. Експерт за хуманитарна помош е веќе испратен и екипа за цивилна заштита се очекува да пристигне утре. Апелирам што е можно побрзо да пристигнуваат понуди за помош. Исто така, ние сме подготвени да обезбедиме хуманитарна помош доколку е потребно, изјави Христос Стилианидес, комесар на ЕУ за хуманитарна помош и управување со кризи.
Центарот за координација за одговор при катастрофи на Комисијата ја координира помошта преку Механизмот на ЕУ за цивилна заштита за да и помогне на Република Македонија.
Покрај испраќањето експерти, Комисијата, исто така, ги снабдува службите кои дејствуваат во погодените подрачја со слики од сателитот Коперник.
Во соопштението се посочува дека на 6 август големи поплави ја погодија Македонија. Деведесет и три сантиметри дожд наврна во Скопје за време на бурата – повеќе од просечното ниво на врнежи за цел месец август.
– Во поплавите загинаа 22 луѓе а многумина се повредени. Сериозно се оштетени куќи и главна инфраструктура, а повеќе од илјада луѓе се евакуирани. Хуманитарните партнери на Еврпоската комисија се присутни во земјата да ги поддржат активностите на Европската унија и дополнително да ги проценат потребите за хуманитарна помош, пишува во соопштението на ЕК.
Механизмот за цивилна заштита на Европската унија овозможува координација на активности при природни катастрофи помеѓу 34 европски земји (28 членки на Унијата, Македонија, Исланд, Норвешка, Црна Гора, Србија и Турција).
– Овие земји учеснички ги здружуваат капацитетите кои можат да им се стават на располагање на земјите погодени од катастрофи низ целиот свет. Кога е во сила, Механизмот ги координира активностите за обезбедување помош во и надвор од Европската унија, се наведува во соопштението.
Помош преку Механизмот за цивилна заштита на Европската унија и беше доделена на Македонија и за поплавите во август минатата година

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top