| четврток, 6 декември 2018 |

Директорот на Здравствениот дом си купувал накит и тренерки со болнички пари

СВР Охрид  поднесе кривична пријава против М.Д. (47) и М.Н. (45), двајцата од Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела злоупотреба на службената положба и овластување  и против Л.Р. (60) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело несовесно работење во службата.
Во текот на 2013 и 2014 година, М.Д. во својство на службено лице-директор на јавната установа ЈЗУ„Здравствен дом“-Охрид заедно со  второпријавената М.Н., која во тој период била раководител за економски работи, од повеќе фирми во Охрид и од други градови, набавиле техничка роба, часовници  и накит, фотоапарат со оптички зум и мобилни телефони, тренерки и 21 пар обувки и две влезни врати во вредност од 598.508,оо денари.
Набавените производи не биле евидентирани во сметководствената евиденција, не била изготвена документација за прием, а фактурите од добавувачите биле целосно исплаќани од сметката на ЈЗУ„Здравствен дом“.
Трето пријавениот Л.Р. како одговорен за возниот парк, несовесно работел, на начин што во период од 27.03.2014 година до 19.06.2015 година, во патните налози за службеното возило впишувал податоци за изминати километри многу поголеми од реалните, не водел уредна евиденција на состојбата  на броилото на возилото кое го управувал и истото, заедно со прво пријавениот М.Д. го користел за приватни потреби.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top