| четврток, 6 декември 2018 |

Претседателот Иванов ќе ја предводи македонската делегација во Рим на канонизацијата на Мајка Тереза

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, на 4 септември во Рим ќе ја предводи македонската државно-црковна делегација, на свечениот чин на прогласувањето на Мајка Тереза за светица.

На свеченоста, покрај македонскиот претседател, ќе присуствуваат министерот за надворешни работи, Никола Попоски, и министерката за култура, Елизабета Канческа Милевска, делегации на Католичката црква во Република Македонија и на Македонската православна црква–Охридска архиепископија, градоначалникот на Град Скопје, како и член на фамилијата на Мајка Тереза.

Претседателот Иванов како предводник на македонската државно-црковна делегација на свеченоста во Ватикан, по повод прогласувањето на Мајка Тереза за светица, ги покани и лидерите на четирите најголеми политички партии, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА да присуствуваат на овој историски чин за нашата држава. Своето присуство на манифестацијата во Рим го потврдија Никола Груевски, Зоран Заев и Али Ахмети.

Во писмата упатени до лидерите на партиите, претседателот Иванов истакнува дека канонизацијата на Мајка Тереза е настан што сите нас треба да нè издигне над секојдневните политички тензии и недоразбирања, и да ни помогне да го препознаеме човекот и човечкото во нашиот политички противник.

„Како што знаеме да живееме со нашите најдлабоки верски и етнички разлики, така мора одново да научиме да живееме и со нашите идеолошки и политички разлики и меѓусебно да се почитуваме. Сметам дека ова е одлична можност за барем еден миг да ги оставиме разликите зад нас и пред меѓународната јавност, но, уште поважно, пред македонските граѓани да покажеме единство“, стои во писмото од претседателот Иванов до лидерите на четирите партии.

Претседателот Иванов во писмата до политичките лидери истакнува дека канонизацијата на Мајка Тереза е чин што ќе го обедини светот и  крајно време е да нè обедини и нас.

На  канонизацијата на Мајка Тереза се очекува присуство на многубројни верници и високи гости од целиот свет.  Како земји на нејзиното потекло, раѓање и мисија, Република Македонија, заедно со Република Албанија и Република Индија ќе имаат посебно место на оваа свеченост.

Мајка Тереза беше добитник на Нобелова награда за мир, а нејзиниот чудотворен карактер беше признаен од Римокатоличката црква.

Церемонијата на беатификација на Мајка Тереза, која беше чекор кон нејзино прогласување за Светица беше одржана на плоштадот Свети Петар во Рим во 2003-та година, на која присуствуваа над 300 илјади верници. Со свечената служба раководеше тогашниот поглавар на Римокатоличката црква, Папата Јован Павле Втори, додека на церемонијата присуствуваше и многубројна македонска делегација, предводена од претседателот Борис Трајковски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top