| четврток, 6 декември 2018 |

Загина брачна двојка – со автомобилот влетале во езерото Калиманци

Брачна двојка од селото Дулица во Општина Македонска Каменица го загубила животот во водите од езерото Калиманци вчера доцна попладне.

Полицијата ја потврди веста за трагедијата, а дежурниот лекар од Итната медицинска служба во Делчево информира дека безживотно тело е донесено во Итната медицинска служба. Врз телото синоќа се вршеше обдукција со цел да се утврдат причините кои довеле до смрт.

Настанот се случил вчера околу 16 часот. Според првичните информации автомобилот марка „форд“ и беживотното тело на 30- годишната жена на површината на водата ги забележал полицаец, кој патролирал на магистралниот пат Кочани-Македонска Каменица. Засега нема потврда дали е пронајдено телото на сопругот, кој се претпоставува дека го возел автомобилот.

Според информацијата од жители на Македонска Каменица, возилото излетало на делот на магистралниот пат во близина на приклучокот на локалниот пат кон селото Дулица. Не се знае дали сега загинатите се враќале кон селото или излегувале.

Повеќе информации за денешната трагедија надлежните од полицијата најавија за денеска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top