Администрацијата на претседателот на САД Барак Обама тајно испратила во Техеран 400 милиони долари во време кога биле ослободени четворица заробени Американци во Иран, пишува „Волстрит џурнал“, повикувајќи се на американски и европски службеници.
Изворите тврдат дека во јануари во Иран стигнале дрвени палети со евра, швајцарски франци и пари во други валути, само не во долари, бидејќи е забрането со закон, пренесува „Спутник“. Банконотите биле купени од централните банки во Холандија и во Швајцарија.
Парите биле прва рата од долгогодишниот спор во вредност од 1,7 милијарди долари со договорот за купување на оружје кој со нив го склучил Мухамед Реза Пахлави.
Иранците барале поврат на 400 милиони долари и камати на оваа сума која монархистичкиот режи ја уплатил во специјалниот фонд на Пентагон за да купи американски ловци.
Претседателот Обама ја одобрил исплатата на основниот дел од спорната сума, пишуваат медиумите.
Кога точно слетал авионот со парите во Техеран не се наведува. Но, во исто време, според податоците на иранските извори блиски до Револуционерната гарда, штом авионот слетал на аеродромот, иранските власти пуштиле четворица американски државјани. Познато е дека тие го напуштиле Иран на 17 јануари.
Од своја страна САД пуштиле седумина државјани на Иран и ги поништиле налозите за апсење и прогон на уште 14 лица.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.