Денес ги одбележуваме двата Илиндена и оддаваме почит како на Илинденската генерација, така и на Асномската генерација. Денес Македонија и Македонците секаде во светот одбележуваат 113 години од Илинденското востание и 72 години од АСНОМ, датуми чија тежина создава одговорност и кон нашите предци и кон нашите идни генерации, а за Македонија, одговорноста треба да биде најголема, посветеноста – најсилна, работливоста – беспоштедна а духот – нескршлив, рече премиерот Емил Димитриев во своето обраќање на централното чествување на 2 Август – Илинден на Мечкин Камен во Крушево.
– Денешниот голем празник не потсетува на минатото но и не поттикнува да размислуваме за иднината на нашата држава. Значајноста и тежината на делата на илинденската и асномската генерација ја создаваат одговорноста на нашата генерација за иднината на државата. Тоа е одговорност и кон нашите предци и кон нашите идни генерации. Одговорност која сама по себе носи многу значајна тежина, затоа што кога станува збор за Македонија, одговорноста треба да биде најголема, посветеноста – најсилна, работливоста – беспоштедна а духот – нескршлив. Само така, и со силно единство наместо со надворешно мешање, можеме да продолжиме да чекориме по патот на развој и просперитет на нашата татковина и да го исполниме аманетот на нашите предци за борба за Македонија, рече Димтриев.
Премиерот при тоа повика на единство на сите расположливи капацитети во државата во процесите за развој и просперитет на татковината.
– Затоа, денес од Мечкин Камен повикувам на добра мисла и добра намера, на единство на сите расположливи капацитети во државата во процесите за развој и просперитет на нашата татковина… Обединување на сите Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи и Бошњаци, на сите христијани и муслимани, бидејќи ова е наша држава. Бидејќи ова е држава на нашите деца и внуци. Повикувам на искрено единство кога станува збор за државните интереси и државните приоритети, кои никогаш не смеат да бидат ставени зад партиските приоритети или личните желби на некој политичар или група на луѓе. Повикувам на конструктивност на секој фактор и ја осудувам деструктивноста која некој сака да ја наметне како систем на делување. Ние сите треба да градиме, да создаваме дела и вредности, а поривот за рушење и критика на се, треба да биде потонат и енергијата да ја фокусираме на спроведување на реални проекти кои го подобруваат секојдневието на граѓаните, истакна Димитриев.
Според него, таков пристап и искрена волја ни е посебно потребна во овие моменти кога државата подолг временски период е вовлечена во политичка криза од која, вели, мораме и можеме да излеземе посилни.
– Оваа политичка криза не му одговара на никој што и сака добро на државата и истата создава одредена несигурност кај граѓаните која се рефлектира како на секојдневното живеење така и во стопанството. Политичката криза не може и не смее да биде период кој што ќе трае во недоглед и кој ќе нанесува штетни последици за државата, како дома така и во странство. Затоа треба да покажеме добра волја и свесност за излез од политичката криза, покажувајќи со тоа и свесност и желба за враќање на државата во нормалниот колосек и целосно посветување на работа насочена кон реализација на проекти и дела во интерес на граѓаните. Кон целосно фокусирање на решавање на проблемите на граѓаните, но и кон целосно посветување на исполнувањето на нашиот врвен приоритет за целосна интеграција во НАТО и Европската Унија, односно добивањето на полноправно членство во НАТО Алијансата и отпочнување на пристапните преговори за членство во ЕУ, за што имаме и политички консензус и доволно сработено и реализирани реформи и докажани капацитети, подвлече претседателот на Владата.
Токму затоа, додаде, денес упатува апел за свесност и совесност во процесот на разрешувањето на политичката криза и излез од неа, во кој единствен приоритет треба и мора да бидат државните интереси и интересите на граѓаните.
– Таквиот излез од наметната политичка криза е единствено возможен со одржување на избори на кои граѓаните на Република Македонија ќе донесат одлука која секој политичар и секоја политичка партија мора да ја почитува. Бидејќи тоа е вредноста на демократијата. Бидејќи така е секаде во светот и така мора да биде и тука. Волјата на народот е најсилна и секој политичар мора истата да ја почитува. Народот никогаш не греши и секогаш е во право. Негирањето на волјата на граѓаните, секој обид за сомнеж во одлуките на народот во обид за прикривање на сопствените слабости и порази претставуваат израз на непочитување на граѓаните и сериозен израз на недемократско однесување, посочи Димитриев.
Силно уверен дека одржувањето на изборите ќе ја оконча политичката криза, Ве уверувам, рече Димитров, дека како Влада ќе направиме се што е во наша надлежност изборите да бидат фер и демократски, целокупниот изборен процес да се одвива според сите меѓународни стандарди, а изборната кампања да помине во одлична демократска атмосфера. Како држава, додаде, имаме капацитет за такво нешто и тоа сме го покажале на претходните изборни циклуси и можеме да го покажеме и сега, и нема причина и не смее да биде поразлично оти тоа не е во корист на секој што ја сака оваа држава.
За изборната кампања и начинот на нејзиното реализирање, Димитров нагласи дека од исклучителна важност е улогата на политичките партии кои се надева и очекува наместо кампања базирана на навреди и местенки дека ќе се фокусираат на кампања и политика базирана на проекти и дела, на реална политичка понуда на проекти, на програма и на кредибилитет за исполнување на ветувањата.
– Ова го велам затоа што нашите граѓани сакаат од политичарите да видат проекти и дела, да видат доследност, но и работливост за подобрување на состојбите во секоја област и во секој регион. Само така се добива довербата од нашите граѓани кои секогаш знаат добро да проценат и лично да одлучат на кого ќе ја дадат довербата и поддршката. Нашиот народ многупати досега ја покажал својата мудрост и својата свесност и затоа не се сомневам дека и при излезот од политичката криза нема да биде така. Нашиот народ, граѓаните на оваа држава се тие кои одлучуваат за Македонија! Никој не смее да ја негира волјата на македонските граѓани, бидејќи Македонија е на сите граѓани! Бидејќи Македонија е нашата татковина и татковина на нашите поколенија, рече премиерот Димитриев.
Тој нагласи дека и во моменти на политичка криза, и соочување со глобални безбедносни ризици кои се сериозни предизвик за сите држави, продолжуваме да бидеме фокусирани на реализација на програмата која е базирана на изборните ветувања меѓу нив и на основниот приоритет-намалување на невработеноста и отворањето на нови работни места.
– Историски најниското ниво на невработеност од 24,5% кое го постигнавме оваа година претставува доказ дека посветената долгогодишна работа вродува со резултат. Падот на невработеноста за 13,5 % во однос на минатото кога истата изнесуваше огромни 38 % е доказ дека имаме сила, знаење и енергија за подобрување на економскиот стандард на граѓаните. Дека Македонија може успешно да се справува со предизвиците и дека имаме сила за добри резултати. Тоа е доказ дека борбата за нови работни места покажува резултати. Тоа е борбата на нашата генерација, за работа за секого, како чекор кон обезбедување на повисок стандард и плати за населението. За тоа говорат илјадниците ново отворени места во технолошко-индустриските развојни зони во кои работат странските компании, кои препознавајќи ги одличните услови за инвестирање дојдоа во нашата држава и изградија свои фабрики, и вработувањата во домашните компании, рече Димитриев
По разрешувањето на кризата и по изборите, Димитриев нагласи дека државата треба да влезе во помирни води и да почне да обезбедува нов циклус на реформи, проекти, на задоволување на потребите на секој еден граѓанин на нашата земја.
– По изборите, мора и ќе продолжиме со силно темпо на секој дел од теренот, на уште повеќе капитални инвестиции и градежни проекти кои на оваа држава и носат нови патишта и булевари, нови железнички пруги, нови спортски објекти, училишта и градинки, нови здравствени установи, нови театри и музеи, голема раздвиженост во градежниот сектор, многу работа за нашите компании и секако нови работни места во истите. Само така, градејќи ја Македонија ја градиме иднината на нашата држава. Реализираме и ќе реализираме проекти кои остануваат трајни вредности за македонските граѓани. Градби кои се капитал на државата, рече претседателот на Владата.
Реализираното досега, нагласи тој, повеќе од доволно говори дека имаме капацитет и енергија да ја направиме Република Македонија силна држава. Затоа што, додаде, ние не се штедиме и работиме многу затоа што само работата, трудот и посветеноста и одговорниот пристап, како и исполнетите ветувања ја прават разликата.
– Македонија заслужува развој и просперитет. Ваквите заложби мораат да бидат исполнети, а за тоа сме одговорни пред историјата, пред нас самите, но и пред следните генерации на кои ја оставаме Република Македонија, порача премиерот Емил Димитриев во говорот на Мечин Камен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.